Европа
Во Романија поради коронавирусот нема слободни кревети на интензивна нега

Романската група за стратешка комуникација во борбата против Ковид-19 објави дека на државно ниво денеска нема слободни кревети на интензивна нега (ИЦУ) за лица со коронавирус.
Се додава дека останале само неколку кревети кои се зачувани за пациенти кои имаат посебна медицинска состојба, а им е потврден и САРС-Ков-2, пренесуваат агенциите.
Во Романија, денеска во болниците низ земјата се зафатени 1.624 кревети за интензивна нега.
Исто така, на национално ниво, има уште 187 легла за пациенти на ИКТ, кои служат како резерва и понекогаш се активираат кога бројот на пациенти го надминува капацитетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
ЦРЕА: Нафтената војна на Западот против Русија го губи моментот

Заработката на Русија од извозот на нафта е во пораст во последните неколку месеци и покрај ценовната граница наметната од Г7 и другите ограничувања наметнати од Западот, покажува новата студија на Финскиот центар за истражување енергија и чист воздух (ЦРЕА).
Според ЦРЕА, приходите од нафта на Русија почнаа да закрепнуваат во март по остриот пад во февруари кога во сила стапија ограничувањата на цената на нафтата и рафинираните нафтени деривати од Русија и забраната во ЕУ за увоз на руската нафта преку море.
Во април приходите од нафта се зголемија за дополнителни 6 отсто месечно достигнувајќи го највисокото ниво од ноември минатата година.
Податоците на ЦРЕА покажуваат дека откако стапија во сила забраната за увоз и ограничувањата на цените, Русија генерирала вкупно 58 милијарди евра приход од извозот на нафта.
Експертите велат дека иако тековните приходи на Русија сè уште се значително пониски од истиот период минатата година, трендот на пораст покажува дека западните санкции за извозот на руска нафта го губат моментот.
„Приходите од извозот на Русија во април беа значително намалени, главно поради влијанието на забраната за увоз во ЕУ и пониските цени на нафтата. Сепак, Русија успеа првпат да го извезе својот главен тип сурова нафта (уралс) по цени што беа систематски над нивото на ценовното ограничување“, изјави Лаури Миливирта, главниот аналитичар во ЦРЕА.
Миливирта истакна дека ова укажува на големи дупки во спроведувањето на политиката за ограничување на цените додавајќи дека ако тие не се поправат, „ова ризикува засекогаш да го наруши механизмот за ограничување на цените“.
Аналитичарите истакнуваат дека враќањето на приходите е поттикнато од зголемувањето на извозните цени, околност што може да му се припише на Западот, кој ги постави ценовните ограничувања премногу високо.
„Приходите на Русија можеа да бидат намалени за 22 милијарди евра (37 %) со поставување на ценовната граница на сурова нафта на 30 наместо на 60 долари за барел и со соодветно ревидирање на ограничувањата за нафтените производи“, напишаа аналитичарите на ЦРЕА.
Тие истакнаа дека натамошното закрепнување на приходите од нафтата на Русија „ќе ги наруши влијанието и кредибилитетот на санкциите“.
Европа
Шредер непожелен на конгресот на сопствената партија поради врските со Русија

Германската Социјалдемократската партија (СПД) го прогласи поранешниот канцелар и шеф на партијата, Герхард Шредер, за персона нон грата на претстојниот партиски конгрес иако неодамнешните обиди да го исфрли од партијата на крајот не успеаја, пренесува ДПА.
Иако поранешните шефови на СПД традиционално се поканети да се обратат на партиските конгреси, Шредер, кој во минатото често зборуваше на нив, сега е непожелен на претстојниот конгрес во декември.
„Повеќе не можам во Герхард Шредер да го препознам поранешниот канцелар и поранешен партиски лидер. Го гледам како бизнисмен што ги следи своите деловни интереси“, изјави шефот на СПД, Саскија Ескен, за ДПА.
Шредер не беше поканет и на одбележувањето 160-годишнината на СПД минатата недела поради неговите врски со Русија.
„Сè додека тој е близок со подбуцнувачот на војна и агресор во ситуацијата, ние немаме за што да разговараме“, рече генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт, коментирајќи го неканењето на Шредер.
Шредер беше германски канцелар од 1998 до 2005 година и беше лидер на партијата од 1999 до 2004 година. Оттогаш соработува со руските енергетски компании и се смета за личен пријател на рускиот претседател Владимир Путин.
Неговите врски со Русија и неговата неподготвеност да се дистанцира од Путин предизвикаа голема вознемиреност во неговата партија откако Русија ја почна својата агресивна војна во Украина во февруари 2022 година.
Шредер и неодамна ја покажа својата блискост со Русија. На почетокот на мај тој и неговата сопруга присуствуваа на приемот во руската амбасада по повод годишнината од победата над нацистичка Германија, што предизвика многу политички реакции кај опозицијата и во неговата партија.
Сепак, обидите за негово исклучување од партијата на крајот пропаднаа, а највисокото тело на СПД – Федералната арбитражна комисија – на почетокот на овој месец донесе конечна одлука дека Шредер не може да биде исклучен од партијата.
Европа
Решена мистеријата со позеленувањето на водата во Венеција

Локалните власти ја објавија причината за промената на бојата на водата во Големиот канал во Венеција.
Според „Гардијан“, локалните власти рекле дека промената се должи на флуоресцеинот, нетоксична супстанција што се користи за тестирање на канализациските мрежи.
Жителите пријавија дека водата во каналот позеленела во неделата поради што полицијата ги истражуваше причините, а се шпекулира дека може да се работи за дело на екологисти.
„Анализата покажа присуство на флуоресцеин во земените примероци“, соопшти регионалната агенција.
Резултатите не покажаа присуство на токсични елементи во анализираните примероци, се наведува.
Ова не е првпат водата во овој канал да позелени.
Во 1968 година аргентинскиот уметник Николас Гарсија Урибуру ја обои водата зелена со флуоресцентна боја за време на Биеналето со цел промовирање еколошката свест.