Европа
Во Шпанија запрен камион полн со плински боци, возачот шведски државјанин со душевно растројство
Полицајците во Барселона отворија во вторникот оган за да запрат украден камион полн со плински боци кој се движел со голема брзина во спротивен правец на обиколницата околу овој каталонски град, а возачот бил ментално болен и не планирал да изврши терористички напад, тврди министерот за внатрешни работи на Шпанија, Хуан Ингасио Соидо.
„Приведениот возач на камионот со бутан во Барселона страдал од ментално растројство и не станува збор за терористички напад“, напиша на својот Twitter профил шпанскиот министер за внатрешни работи Хуан Ингасио Соидо.
Камионот, за кој претходно било пријавено дека е украден, го управувал маж со шведско државјанство потврдиле за AFP извор од кабинетот на градоначалникот на Барселона.
„Уапсивме лице со шведско државјанство кое управуваше камион полн со боци за бутан гас во спротивна насока. При апсењето имаше пукање“, изјавил портпаролот на локалната полиција
Според каталонската служба за безбедност и правосудство (Mossos d’Esquadra) Швеѓанецот го украл камионот на една улица во Барселона, каде што возачот доставувал гас за домаќинства. Притоа, движејќи се на низ центарот на градот камионот удрил неколку автомобили во движење, но засега не е познато дали тоа била намерата на крадецот на возилото.
Во текот на движењето од камиони испаднале неколку боци врз случаен минувач, кој бил пренесен во болница со повреди. Камионот бил запрен при обидот да се приклучи на еден од најважните траси во Барселона, обиколницата Ронда Литорал.
„Беа истрелани неколку куршуми, за да се задржи возилото, но никој не е повреден“, изјавил за агенцијата РИА извор во безбедносните служби и додал дека притворениот бил испратен на психијатриски преглед.
Верзијата за обид за терористички напад ја негирале и од Mossos d’Esquadra. „Нема индиции дека станува збор за тероризам, но ја продолжуваме истрагата“, изјавил на прес-конференцијата портпаролот на каталонската полиција. Додал, исто така, дека кај уапсениот не е пронајдено оружје.
„Се обидуваме да го утврдиме местото на престојување на осомничениот во Барселона, како и која му била намерата. Исто така, сакаме да утврдиме дали бил во неурамнотежена состојба или земал некакви психотропни супстанции“, рекол портпаролот и прецизирал дека полицијата стрелала во тркалата од камионот.
Во Шпанија од 26-ти јуни 2015 година на сила е четвртокот ниво од терористичка закана од скалата со пет./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

