Европа
ЕУ: Скоро 60 проценти од учениците во основните училишта учат повеќе од еден странски јазик
Скоро 60 проценти од учениците во основните училишта низ Европската унија (ЕУ) учат повеќе од еден странски јазик, а на врвот е Луксембург каде сите ученици учат два јазика, објавува Евростат.
Повеќе од 17 милиони ученици од основните училишта во земјите од ЕУ, односно 98,6 проценти во 2015-та година учеле најмалку еден странски јазик, додека 10 милиони (58,5 отсто) учеле два странски јазици или повеќе, покажуваат податоците на канцеларијата за статистика на ЕУ – Евростат.
Најпопуларен странски јазик бил англискиот, кој бил изучуван од страна на 97,3 отсто европски ученици, а по него следат францускиот (33,8 проценти), германскиот (23,1 отсто) и шпанскиот (13,6 отсто).
Сите или скоро сите ученици од основните училишта учат најмалку два странски јазици во Луксембург (100 отсто), Финска (98,4 проценти), Италија (95,8 отсто), Естонија (95,4 проценти) и Романија (95,2 проценти).
На дното на скалата, со помалку од 10 проценти ученици кои учат два или повеќе јазика се Унгарија (6 проценти) и Австрија (8,8 отсто). Англскиот, францускиот и германскиот јазик се трите најзастапени јазици во училиштата. Англискиот е најпопуларниот странски јазик кои се изучува во поголем дел од земјите членки. Во Данска, на Малта и во Шведска го учат сите ученици.
Францускиот е еден од двата главни странски јазици кои ги учат сите ученици во Луксумбург, а тој е и најпопуларен јазик во Ирска, каде го учат 60,4 отсто ученици, и во Белгија, каде го учат 52,8 отсто од учениците. Освен тоа, францускиот е втор јазик по популарност во девет држави членки на ЕУ, а најмногу ученици го учат на Кипар (89,2 отсто), Романија (83,6 отсто), Португалија (66,6 проценти), Италија (65,4 отсто) и во Холандија (55,6 проценти).
Освен што го учат сите ученици во Луксембург, германскиот е втор најпопуларен јазик во осум земји членки, а најмногу се учи во Данска (73,6 отсто), Полска (69,2 проценти) и Словачка (53,6 отсто). Учењето на шпанскиот јазик, пак, е популарно во Шведска (43,7 отсто) и Франција (39 проценти), додека рускиот јазик, единствениот кој е надвор од официјалните јазици на ЕУ) се учи во трите балтички земји, Литванија (66,2 проценти), Естонија (63,6 отсто) и Летонија (59,7 проценти), како и во Бугарија (16,9 отсто).
Во ЕУ се признаени 24 официјални странски јазици, а покрај нив се говорат и регионалните, малцински јазици, односно јазиците на кои говори мигрантската популација. Евростат напоменува дека неколку членки на ЕУ имаат повеќе од еден официјален јазик. Истражувањето на Евростат било спроведено во сите земји на ЕУ, со исклучок на Велика Британија, за која податоците не биле достапни./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
