Европа
Италија инвестира огромни пари во армијата: парламентот одобри милијарди за вооружување
Италијанската парламентарна комисија вчера одобри план за набавка на тенкови од новата генерација и за реконструкција на копнените сили на армијата, вреден околу 8,2 милијарди евра, изјавија два неименувани извори за Ројтерс.
Овој план е дел од пошироката иницијатива на владата на премиерката Џорџа Мелони за зголемување на одбранбените капацитети на земјата.
Според парламентарниот документ што го видел Ројтерс, програмата ќе трае од 2025 до 2038 година.
За овие цели веќе се издвоени околу 5,4 милијарди евра, додека се очекува да се подготви план за финансирање на преостанатите 2,7 милијарди евра.
„Програмата се однесува на набавка на платформи со тешки компоненти со посебен осврт на новата генерација на главниот борбен тенк (MBT)“, се наведува во документот.
Италијанската компанија Леонардо и германската Рајнметал објавија во јули дека развојот на италијанскиот капацитет на тенкови ќе биде приоритет за заедничкото вложување што го започнаа овој месец.
Според агенцијата, тенкот Panther KF52 ќе го замени постариот модел Arieta, од кој Италија има околу 200, од кои само околу 50 се оперативни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
„Викендов доаѓа драматична зимска бура“: овие земји во Европа ќе бидат под удар, ќе зафати и дел од Балканот
Познатиот словенечки метеоролог Марко Корошец преку Severe Weather Europe предупреди дека викендов Европа ќе ја зафати зимска бура.
Тој рече дека бурата ќе биде формирана поради длабока област со низок притисок што се развива над северниот Атлантик и се движи кон западна Европа, носејќи врнежи од дожд и студена воздушна маса.
Ќе има продор на студен арктички воздух кој ќе услови пороен дожд, снег и засилен ветер. Во петок веќе ќе ги зафати Велика Британија и Ирска, а во сабота системот ќе се прошири кон Белгија, Холандија и Франција, а потоа ќе се движи кон Германија и Алпите.
Се очекуваат засилен ветер со налети до 120 км/ч, врнежи од снег и опасни услови на патиштата. Системот би можел да го опфати северот на Италија и дел од Словенија. Свеж снег се прогнозира за многу области, вклучително и северна Велика Британија, северна Иберија, алпски регион, западен Балкан и централна Европа. Повеќе снег ќе има низ Источна Европа и Скандинавија.
Временските услови и условите за патување брзо ќе се влошат во западна и централна Европа бидејќи зимската бура го зафати целиот континент за време на викендот.
Температурните аномалии ќе бидат најизразени на почетокот на следната недела, со вредности далеку под просекот во Шпанија, Португалија и Франција.
Европа
Русија го затвора полскиот конзулат во Санкт Петербург: „Тие водат антируска политика“
Русија ќе го затвори полскиот конзулат во Санкт Петербург, соопшти вчера руското Министерство за надворешни работи.
Тројца членови на дипломатскиот персонал кои работат таму се прогласени за непожелни лица и мора да ја напуштат земјата до 10 јануари, се вели во соопштението.
Овој чекор е одговор на затворањето на рускиот конзулат во Познањ, што го направи полското Министерство за надворешни работи на крајот на ноември.
„Полските власти во последните години водеа отворена антируска политика и речиси целосно ја уништија архитектурата на руско-полските односи што се градеше со децении“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски го оправда затворањето на рускиот конзулат во Познањ со информациите дека Русија стои зад обидите за саботажа во Полска и сојузничките земји.
Полска, членка на ЕУ и НАТО, е еден од најпосветените политички и воени поддржувачи на Украина, па затоа Кремљ ја смета за непријател.
Сикорски рече дека овој чекор на Русија не е изненадувачки и дека Полска кон него се однесува со „достоинствена рамнодушност“.
Европа
Русија ги повлекува бродовите од клучната база во Средоземното Море
Русија ги повлекува бродовите од својата поморска база во Сирија по бунтот против сирискиот претседател Башар ал-Асад, откако претходно оваа година го пресели најголемиот дел од својата Црноморска флота од базата на Крим.
Сириското пристаниште Тартус беше клучна база за руските бродови повеќе од пет децении, а неговото значење порасна од почетокот на инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина во 2022 година. Оваа база и обезбедува на Русија стратешко присуство во Медитеранот и еден вид бедем против НАТО, пишува Њузвик.
Според извештајот на Навал Њуз, во пристаништето Тартус моментално се сместени две руски фрегати од класата Горшков, една фрегата од класата Григорович, два брода за поддршка и една подморница од класата Импрувд-Кило. Сепак, аналитичарот со отворени извори МТ Андерсон објави на платформата Икс сателитски снимки од 30 ноември и 3 декември кои покажуваат дека сите бродови се преместени.
🇷🇺Med Sea Flotilla🇷🇺
50cm 📷 from the port of 🇸🇾Tartus on 30 November 2024Both Gorshkov class frigates, Admiral Grigorovich, Kilo class Novorossiysk and oilers Yelnya & Vyazma are in port
… and Landsat 8-9 📷 from 1 December 2024 indicate the vessels did not move overnight pic.twitter.com/V60swKWRS4
— MT Anderson (@MT_Anderson) December 2, 2024
Со оглед на тоа што Конвенцијата од Монтре, спроведена од Анкара, спречува руски воени бродови да минуваат низ турските теснец, Институтот за проучување на војната вели дека Москва најверојатно ги преселила бродовите во своите бази во северозападна Русија и Калининград, на границата со Балтичкото море.
Ова повлекување на бродовите доаѓа откако Москва, како одговор на нападите со украински беспилотни летала врз Црноморската флота, премести голем број воени бродови од поморската база во Севастопол, Крим, во Новоросијск во јули. Во октомври, руски сенатор стациониран на окупираната територија на украинската област Запорожје потврди дека руски бродови го напуштиле пристаништето на окупираниот полуостров.
Според Институтот за проучување на војната, преместувањето на руските бродови од Сирија може да укаже на тоа дека Путин нема намера да испрати значително засилување за поддршка на Асад, кој се соочува со бунт предводен од сунитската исламистичка бунтовничка група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
Путин беше клучен сојузник на Асад за време на сириската граѓанска војна, испраќајќи авиони, војници и опрема за бомбардирање на Алепо во 2016 година, одржувајќи го Асад на власт. Откако минатата недела повторно се разгореа судирите и бунтовниците го освоија Алепо и селата во провинцијата Идлиб, руските воздушни напади повторно ги нападнаа бунтовниците.