Европа
Лавров во Москва ќе се сретне со шефот на турската дипломатија, објави ТАСС

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот турски колега Хакан Фидан ќе разговараат во Москва „во блиска иднина“, објави денеска новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Турција се обидува да ја убеди Русија да се врати на договорот што дозволува извоз на жито преку украинските пристаништа на Црното Море.
Кремљ најави дека Владимир Путин наскоро ќе разговара лично со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но датумот и местото се уште не се објавени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин испрати предупредување до Западот

Рускиот претседател Владимир Путин го предупреди Западот, пред претседателските избори во земјата во март 2024 година, дека секое странско мешање во Русија ќе го смета за агресија.
Додека зборуваше на Светскиот совет на рускиот народ, со кој претседава поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, сликата на Путин беше прикажана на голем екран покрај две големи стари православни икони.
Руската православна црква отворено ја поддржува војната на Русија во Украина, а Путин го прифаќа нејзиниот конзервативизам како дел од неговата визија за рускиот национален идентитет.
Путин рече дека Западот е зафатен од расистичка русофобија која ги прикажува Русите како народ на заостанати „робови“ и предупреди дека САД, според него, сакаат да ја распарчат Русија и да ги ограбат нејзините огромни ресурси.
71-годишниот Путин, исто така, ги предупреди Русите дека треба да ги научат лекциите од Болшевичката револуција во 1917 година, граѓанската војна и распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, кои според него го поделиле рускиот народ.
„Сакам да нагласам – секое надворешно мешање, провокации насочени кон предизвикување меѓуетнички или меѓурелигиски конфликти ги сметаме за агресивни акти против нашата земја“, рече Путин.
Европа
Москва: Нема да има средба меѓу Лавров и Блинкен во Северна Македонија

Москва објави дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен нема да се сретнат на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија оваа недела, пренесе Ројтерс.
Лавров претходно изјави дека ќе им се придружи на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која ги вклучува Канада и Соединетите држави, во Скопје, доколку Бугарија му го отвори својот воздушен простор.
Тој посочи и дека некои западни земји побарале средби со него.
Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, средбите во живо меѓу руските министри и министрите на западните земји се ретки.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков изјави дека Вашингтон не побарал средба, „нема да побара и нема да има средба“, пренесува Тасс.
Состанокот на ОБСЕ, кој има 57 членки, се одржува на 30 ноември и 1 декември.
„Наводно, Бугарија и ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор. Ако тоа се случи, ќе бидеме таму. Ќе видиме“, рече Лавров.
Европа
(Видео) Столтенберг: Украина успеа да врати 50 отсто од териториите преземени од Русија

Украина продолжува да и нанесува големи загуби на Русија, која е ослабена политички, економски и воено, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Минатата година Украина ги доби битките за Киев, Харков и Херсон, а оваа година продолжува да нанесува големи загуби на Русија“, рече Столтенберг во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, каде што една од главните теми ќе биде продолжување на поддршката за Украина во војната против руската агресија.
Столтенберг одржа прес-конференција во пресрет на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кој ќе разговараат за актуелните безбедносни предизвици – војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток, како и ситуацијата на Западен Балкан.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на кои во среда ќе им се придружи и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, ќе ја потврдат долгорочната поддршка на Алијансата за Украина.
Столтенберг рече дека Украина успеала да врати 50 отсто од териториите окупирани од Русија.
„Тоа е голема победа за Украина, а во меѓувреме Русија е послаба политички, економски и воено“, рече тој.
Тој рече дека овој месец Германија и Холандија најавиле поддршка за Украина од 10 милијарди евра, а Романија отворила центар за обука на украински пилоти за борбени авиони Ф-16.
„Сојузниците, вклучувајќи ги САД и Финска, испраќаат дополнително оружје и муниција за противвоздушна одбрана за да ги заштитат украинските градови од руски напади, а 20 сојузнички земји сега формираа коалиција за воздушна одбрана за Украина“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека сојузниците се согласуваат Украина да стане членка на НАТО и дека на средбата ќе договорат препораки за приоритетни реформи во Украина.