Европа
Латвија ја затвора границата со Белорусија
Владата на Латвија денеска одлучи да затвори еден од двата гранични премина со Белорусија во обид да спречи илегална имиграција, пренесе агенцијата ЛЕТА.
Шефот на граничната полиција на Латвија изјави дека ситуацијата е најнапната од 2021 година поради големиот прилив на мигранти од Белорусија.
Граничарите во последните шест дена вратиле 894 лица, кои се обиделе да ја преминат границата, а во текот на септември биле вратени 1.773 лица, пренесе агенцијата.
Во 2021 година Летонија, Полска и Литванија се соочија со имиграциска криза кога илјадници луѓе, главно од Блискиот Исток и Африка, почнаа да ја преминуваат границата од Белорусија.
Полска и Литванија подигнаа огради на границите со Белорусија, а новата латвиска влада вети дека ќе го заврши подигнувањето на граничната ограда до крајот на годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија ја нападна Украина со 68 дронови
Русија синоќа истрела 68 беспилотни летала и четири ракети врз Украина, соопшти украинската армија.
„Две балистички ракети Искандер-М ги погодија регионите на Полтава и Одеса, а две ракети Х-59 беа лансирани кон регионите Чернихив и Суми“, соопштија украинските воздухопловни сили на апликацијата за комуникација Телеграм.
Украинските сили за противвоздушна одбрана, наводно, уништиле 31 дрон.
Европа
Шолц му вети на Зеленски оружје во вредност од 1,4 милијарди евра: „Нема да прифатиме мир диктиран од Русија“
Германскиот канцелар Олаф Шолц на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Берлин вети дополнителни испораки на оружје за Киев во вредност од 1,4 милијарди евра.
Новата помош вклучува системи за противвоздушна одбрана, артилерија и беспилотни летала, рече Шолц.
„Германија останува цврсто на страната на Украина“, рече тој.
Шолц, исто така, ги осуди руските напади врз цивилната инфраструктура во Украина, чија цел е да се скрши отпорот на населението против руската инвазија.
„Играњето со текот на времето нема да успее. Нема да попуштиме во поддршката за Украина“, рече Шолц на средбата со украинскиот претседател.
Двајцата лидери се согласуваат дека Русија мора да учествува на мировната конференција за да обезбеди праведен и траен мир за Украина, рече Шолц.
„Јасно е дека мирот може да се постигне само врз основа на меѓународното право. Ова ќе бара огромни напори“, додаде канцеларот.
„Нема да прифатиме мир диктиран од Русија“, додаде тој.
Се очекува Зеленски да му ги изложи на Шолц деталите од неговиот победнички план за време на состанокот во Канцеларијата на канцеларот во Берлин.
Средбата со украинскиот претседател дојде на крајот од неговата европска турнеја, откако американскиот претседател Џо Бајден го откажа клучниот меѓународен самит во американската воздухопловна база во Германија за да одговори на ураганот Милтон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанокот во Берлин му се заблагодари на германскиот канцелар Олаф Шолц за неговата поддршка против Русија.
„Германија ѝ помогна на нашата земја повеќе од другите со системите за противвоздушна одбрана“, рече Зеленски на средбата.
„Ова е факт. И спаси илјадници животи на Украина, обезбедувајќи им на нашите градови и села заштита од рускиот терор“, додаде тој. Зеленски рече дека противавионскиот топ „Гепард“ и противракетните одбранбени системи „ИРИС-Т“ и „Патриот“ се непроценливи.
Украина бара мир, рече претседателот, откако Шолц понуди дополнителни 1,4 милијарди евра (1,5 милијарди долари) воена помош за Киев.
Европа
Во Келн три болници и околу 10.000 луѓе се евакуирани поради бомба од Втората светска војна
Властите во германскиот град Келн евакуираа три болници и илјадници домови откако беше пронајдена неексплодирана бомба од Втората светска војна за време на градежните работи на новиот медицински кампус.
Американската бомба тешка 1.000 килограми денеска треба да биде деактивирана.
Комплексна процедура за евакуација е планирана од почетокот на ископувањето на локацијата пред околу шест месеци, поради стравувањата дека во областа може да бидат откриени неексплодирани убојни средства, пишува Гардијан.
Во радиус од 500 метри е формирана зона за евакуација околу областа каде што се наоѓа бомбата. Градските власти велат дека експертите им рекле дека можеби има уште осум неексплодирани бомби на локацијата, но дека тоа може да се утврди само со дополнително ископување.
Операцијата за евакуација, во која учествуваа околу 1.300 градски болничари, полиција, пожарникари, персонал на итна помош, локални медиуми и 800 волонтери, кои тропаа на вратите за да се осигураат дека жителите ги напуштаат своите домови, властите ја опишаа како најголема и најобемна таква операција и вид од 1945 година.
Две болници беа евакуирани вчера, а трета утринава, заедно со околу 10.000 жители на кои им беше наредено да ги напуштат своите домови, изјави портпаролот на градот.
Сообраќајот и јавниот превоз исто така се пренасочени од областа.
Пациентите беа транспортирани во други болници низ градот со повеќе од 300 амбулантни возила или преместени во привремено засолниште, додека жителите беа згрижени во училишните згради надвор од зоната за евакуација, кои беа затворени за тој ден.