Европа
Меркел ги смета апсурдни обвинувањата од Ердоган за поддршка на тероризмот
Германската канцеларка Ангела Меркел ги смета за апсурдни обвинувањата изречени од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека Германија го поддржува тероризмот, изјави доцна ноќта кон вторникот нејзиниот портпарол Штефан Зајберт.
„Канцеларката не сака да учествува во натпревар во провокации. Тие обвинувањата се јасно апсурдни“, изјави портпаролот Штефан Зајберт, пренесе агенцијата DPA.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во понеделникот вечерта во телевизиското обраќање ѝ се закани на Холандија со дипломатски санкции поради забраната за турските политичари да одржат говори на собирите на турската дијаспора во врска со референдумот за проширување на претседателските овластувања во Турција на 16-ти април, а од истите причини ја обвини Германија за „немилосрдна“ поддршка на тероризмот.
„Зошто вие, госпоѓа Меркел, ги прикривате терористите во својата земја. Зошто не реагирате?!“, рече Ердоган во телевизискиот говор, обвинувајќи го Берлин дека не ги проучил 4.500 досиеја на можни терористи коишто му ги испратила Анкара. „Госпоѓа Меркел, вие го поддржувате тероризмот“, рече Ердоган.
Турската влада сметаше на многу вакви собири во земјите со бројни турски емигранти. Германија ја има најголемата турската заедница на светот надвор од Турција, околу 1,4 милиони луѓе./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
