Европа
Меркел на 2 мај ќе се сретне со Путин во Москва
Германската канцеларка Ангела Меркел на 2 мај ќе ја посети Москва, објави во четврток рускиот претседател Владимир Путин, што ќе претставува прва средба меѓу нив откако Русија во 2014 година го анектираше полуостровот Крим.
Нема индиции дека ќе дојде до укинување на санкциите што западните земји ги воведоа кон Русија, но посетата на Меркел испраќа сигнал дека Германија има волја да соработува со Кремљ.
Содржината на посетата на Меркел наскоро треба да биде објавена, но се претпоставува дека ќе се разговара за кризата во Украина, санкциите на ЕУ, трговските врски и загриженоста на Германија дека Русија би можела да се вмеша во парламентарните избори во Германија што треба да се одржат во септември.
Путин и Меркел се сретнаа во повеќе наврати по избивањето на украинската криза, но сите тие средби беа на маргините на мултирателарни настани, додека билатералните средби според дипломатскиот протокол имаат поголема важност. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
