Европа
Ние сме против централизација на власта во ЕУ, порача полскиот премиер

Полска е лојална членка на Европската Унија, но се противи на прекумерната централизација на моќта, порача денеска премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, во писмо до европските лидери.
Брисел долго предупредува дека реформите воведени од полската десничарска влада ја поткопуваат независноста на судството, но конфликтот ескалира овој месец кога Уставниот суд на Полска го оспори клучното начело на интеграција во ЕУ пресудувајќи дека некои од европските норми се некомпатибилни со уставот на државата.
Во екот на продлабочениот спор за владеење на правото се појавија шпекулации и за можен полегзит, но Моравјецки ги уверува европските партнери дека неговата влада нема намера да го следи британскиот пример и да ја изведе Полска надвор од ЕУ.
„Би сакал да ве уверам дека Полска останува лојална членка на Европската Унија“, напиша тој во писмото објавено денеска на владината веб-страница.
Сепак, тој предупреди на опасни појави што ја загрозуваат иднината на Унијата.
„Мислам на постепената трансформација на Унијата во ентитет што би престанал да биде сојуз на слободни, еднакви и суверени држави за да стане организам со вентрална администрација на институции лишени од демократска контрола“, наведува Моравјецки.
Во меѓувреме, со потег што сигурно дополнително ќе ги зголеми тензиите, министерот за правда на Полска, Збигњев Зијобро, денеска ја повика владата да преземе законски мерки против Германија поради, како што рече, системот на политички избор на судии во најголемата нација на ЕУ.
Зијобро е креатор на реформата на полското правосудство и лидер на малцинските конзервативни коалициски партнери во владата на Моравјецки и често се жали на наводно нееднаков третман на ЕУ кон Полска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.