Европа
Орбан бара од Брисел да ги плати трошоците за чување на границите од мигрантите
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, побара од Брисел да ги сноси трошоците за чување на границата од мигрантите, пред сѐ, кон Србија, но и кон другите јужни и источни соседи.
Во писмото до претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лаен, Орбан пишува дека се очекува уште поголем бран мигранти отколку во 2015 година кога Унгарија подигна жичена ограда, што според него се покажало како многу ефикасно решение и дека треба да им служи како пример на другите.
„Како што знаете, хибридниот третман на мигрантите во Белорусија и катастрофалното повлекување на безбедносните сили од Авганистан се заканува да создаде уште поголема криза отколку во 2015 година. Убеден сум дека сегашната кревка стабилност може да се зачува само ако Унгарија, заедно со другите земји, ги штити надворешните граници на Унијата“, наведе Орбан во писмото.
Унгарскиот премиер потсетува дека досега од државниот буџет се издвоени повеќе од 590 милијарди форинти за заштита на јужните граници на земјата и дека се меѓу првите земји што подигнаа жичена ограда, која ја бранеше ЕУ од инвазијата на бегалци во последните години. Тој пример го следеа Грција, Шпанија, Бугарија, Словенија, Естонија, Литванија, Летонија и Полска, додаде Орбан.
Според него, физичките пречки за несаканите гости сѐ уште се неопходни, а доказ за тоа е заедничкиот став на министрите за внатрешни работи на десетина членки на Унијата усвоен на 7 октомври, а тоа го истакнала и самата Фон дер Лаен на седницата на Европскиот совет.
Орбан сака ЕК да го направи она што требаше да го направи пред многу години: да признае дека заштитата на надворешните граници е израз на непобитна европска солидарност и да ги пофали и субвенционира напорите на земјите од Унијата во таа област.
Премиерот на Унгарија посочува дека таквата одбрана на границата бара материјални, човечки и финансиски ресурси, па време е унгарските трошоци да се надоместат во изминатите шест години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.