Европа
Орбан: Брисел е проблем а не решение

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, изјави денеска дека ЕУ мора да ги повлече одлуките насочени кон борба против климатските промени, бидејќи, според него, тие се главната причина за рекордниот скок на цените на енергијата во Европа, пишуваат агенциите.
Орбан, како што пренесуваат медиумите во светот, вели дека сметките за потрошувачите ширум Европа се зголемуваат поради лошите одлуки донесени од бирократите од Брисел, кои се борат за животната средина со постојано зголемување на цените на јагленот и гасот.
„Овие одлуки мора да бидат повлечени, сегашните цени на бензинот се таму каде што треба да бидат во 2035 година. Брисел не е решение, тие се проблемот“, рече тој.
„Полјаците, Чесите и ние Унгарците бараме овие одлуки да бидат поништени“, додаде Орбан.
Според премиерот на Унгарија, енергетската криза ќе биде на агендата на следниот самит на ЕУ, а Будимпешта, Варшава и Прага ќе се појават на состанокот како обединет фронт кој ќе ги понуди своите решенија.
Орбан уште еднаш го нападна високиот претставник на ЕУ за климатска политика Франс Тимерманс, кој силно се залага ЕУ до 2030 година да ги намали нето емисиите за најмалку 55%. Тој неодамна предупреди дека зголемувањето на емисиите од европскиот транспортен сектор може да го спречи Брисел да ја постигне таа цел.
„Комесарот Тимерманс е најголемата закана за нас“, рече Орбан.
Во средината на неделата европските цени на гасот поставија нов рекорд со пораст над 1.900 долари за 1.000 кубни метри – речиси три пати повеќе отколку во септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Руската армија: Не планираме втор бран мобилизација, имаме доволно војници

Руските вооружени сили не планираат втор бран мобилизација, а повикот за задолжителна воена служба е дел од рутинската програма за регрутирање, објавија денеска официјални лица.
„Би сакал да нагласам дека плановите на Генералштабот не вклучуваат втор бран мобилизација“, изјави Владимир Цимљански, претставник на Генералштабот на руските вооружени сили.
Тој додаде дека Министерството за одбрана има доволно војници за да ги исполни своите цели и дека регрутите ќе ја служат воената служба само на постојани пунктови во Русија.
Руското Министерство за одбрана традиционално повикува мажи на задолжителна воена служба двапати годишно, напролет и наесен.
Мобилизацијата е поинаков процес во кој се повикуваат резервните сили и другиот воен персонал во случај на вонредна или воена состојба.
За потсетување, рускиот претседател Владимир Путин вчера потпиша указ со кој се повикува на задолжителен воен рок за време на пролетниот воен рок за 147.000 граѓани на возраст од 18 до 27 години, пренесе „Индекс.хр“.
Европа
Лукашенко предложи прекин на огнот во Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко предложи денеска да се прогласи прекин на огнот во Украина и да се воспостави примирје, при што ниту една од страните нема да има право да ги прегрупира своите трупи.
„Ќе го преземам ризикот да сугерирам дека воените активности во Украина треба да престанат без право на страните да распоредуваат опрема и да ги прегрупираат силите“, рече Лукашенко во обраќањето до граѓаните и парламентот, а пренесува ТАС С.
Лукашенко изјави дека не треба да има предуслови за прекин на огнот, пренесува белоруската новинска агенција „Белта“.
Европа
Матео Салвини: Франција ги отфрла мигрантите, но ги задржува терористите

Вицепремиерот и министер за транспорт на Италија, Матео Салвини изјави дека е срамота што владата на францускиот претседател Емануел Макрон не прифаќа мигранти, туку ги задржува терористите.
Тој го изјави ова откако францускиот суд одби да испорача 10 поранешни члена на терористичката група „Црвени бригади“ во Италија, кои, и покрај тоа што италијанските судови ги осудиле на разни степени на казна, вклучително и доживотен затвор за крвни злосторства, се засолниле во Франција, пишува „Еурактив“.
„Тоа е срамота. Ги напушта децата на границата Вентимилија во шумата и ги задржува терористите што треба да бидат во затвор во Италија“, рече Салвини за француската полиција, која вели дека систематски ги враќа назад мигрантите без документи, кои се обидуваат да ја преминат италијанската граница преку шума или со воз.