Европа
План за намалување на цените за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ до 2024 година, најави Вархељи

ЕУ планира на претстојниот самит на лидери да ја иницира т.н. патна карта, што ќе ги одреди условите и целите за намалување на цените на роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, пренесуваат медиумите во регионот.
Според нивните извештаи, по тој повод, европскиот комесар за проширување, Оливер Вархељи, денеска разговарал со претставниците на телеком-операторите од регионот.
„Имав добри разговори со телекомуникациските оператори од регионот за тоа како да се постигне напредок во намалувањето на цените на роаминг и во рамките на Западен Балкан и во регионот со ЕУ. Подготвени сме да ги поддржиме инвестициите, така што ова ќе стане реалност“, рече Вархељи на својот твитер-профил.
На самитот за ЕУ на Западен Балкан како дел од дебатата за Економскиот и инвестицискиот план за регионот една од темите ќе биде создавање услови и постепено намалување на цените на роамингот од земјите од Западен Балкан и ЕУ 27.
ЕУ го поздравува успешното спроведување на регионалниот договор за роаминг, што овозможи почнување бесплатен роаминг меѓу земјите од Западен Балкан од 1 јули 2021 година.
Се додава дека намалувањето на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан ќе биде надградба на оваа регионална иницијатива.
Земјите членки на ЕУ денеска се согласија за текстот на декларацијата со која лидерите на 27-те земји на ЕУ ќе ја потврдат својата едногласна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан на самитот во Словенија, како и поддршка за процесот на проширување врз основа на кредибилни реформи на партнерот, пишува во извештаите на агенциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чавушоглу: Парламентот на Турција не може да го ратификува барањето на Шведска и Финска за членство во НАТО

Парламентот на Турција не може во сегашните услови да го ратификува протоколот за членство на Шведска и Финска во НАТО, тоа е невозможно, изјави шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
„На гости ни дојде министерот за надворешни работи на шведската влада. Беше во парламентот, се сретна со партиски претставници. Слушна дека сите партии го најавуваат истото, дека без исполнување на обврските кон нас не е можна ратификација. Затоа, во сегашните услови, нема потреба да се зборува за одобрување на тој документ“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со својот унгарски колега Петер Сијарто.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека „ако Шведска ги исполни своите обврски“, Анкара може да седне и да преговара со Стокхолм.
„Во овој момент, сепак, не можеме да го поддржиме членството на Шведска во НАТО“, рече турскиот министер.
Чавушоглу, сепак, посочи дека Анкара би можела позитивно да го разгледа членството на Финска во НАТО доколку Хелсинки и Северноатлантскиот сојуз одлучат Финска да поднесе барање за членство одделно од Шведска.
Според неговите зборови, Турција во моментот ја гледа кандидатурата на Финска за членство во НАТО во попозитивно светло од кандидатурата на Шведска.
По почетокот на руската специјална воена операција во Украина, на 18 мај минатата година, Финска и Шведска поднесоа барања за влез во алијансата до генералниот секретар на НАТО.
Барањата на Шведска и Финска не ги ратификуваа само две од 30-те земји – Унгарија и Турција, пренесе „Новости.рс“.
Европа
Борис Џонсон: Путин го отвори патот за членство на Украина во НАТО

Со децении користевме дипломатска реторика со две сечила на тема НАТО и Украина и тоа резултира со целосна катастрофа, пишува поранешниот британски премиер, Борис Џонсон, во авторски текст за „Вашингтон пост“.
„Поминавме години кажувајќи им на Украинците дека имаме политика на отворени врати во НАТО и дека тие имаат право сами да си ја изберат судбината и дека Русија не треба да може да наметне вето.
И сето ова време отворено ѝ сигнализиравме на Москва дека Украина никогаш нема да се приклучи на алијансата – затоа што многу членки на НАТО, едноставно, самите ќе стават вето.
Во принцип – да, во пракса – не. Тоа беше пораката.
И каков е резултатот од сето тоа? Што постигнавме со тивко говорење на двете страни?
Резултатот е најлошата војна во Европа во последните 80 години“, според Џонсон.
„Рускиот претседател Владимир Путин уништи безброј животи, домови, надежи и соништа. Ја уништи и најмалата причина да има некаква симпатија кон него или неговата параноја. Попатно, тој направи да исчезне случајот против членството на Украина во НАТО. Украинското население се сметаше за премногу поделено во врска со членството во НАТО; а пред 2014 година секако можеше да се бара.
Ако ги видиме бројките сега, поддршката за членство во НАТО во Украина отиде во стратосферата – таа е 83 проценти според резултатите од неодамнешната анкета. Беше кажано дека Украина не е соодветно воено компатибилна со НАТО. Денес, Украинците користат вртоглаво количество разновидна опрема од земјите на НАТО, со најголема вештина и храброст. Нема апсолутно ништо што НАТО би можел да ги научи Украинците за водење војна – всушност, има многу што тие би можеле да нè научат“, според Џонсон.
„Пред сè, се тврди дека евентуалното членство на Украина во НАТО е провокативно за Путин и Русија. Вистината е дека никогаш не требаше да го прифатиме овој аргумент. Требаше да инсистираме на реалноста – дека Кремљ нема од што да се плаши кога е НАТО во прашање бидејќи е одбранбен сојуз. Но, земјите членки го прифатија ова лажно гледиште. Признавам дека извесно време и самиот го прифаќав“, пишува Џонсон.
Европа
Пожар во шведска нафтена рафинерија, има повредени

Пожарот што избувна во нафтената рафинерија „Нинас“ во шведската општина Нинашамн е изгаснат, а има луѓе со полесни повреди, соопшти полицијата.
„Спасувачките служби бргу пристигнаа на местото и пожарот сега е изгаснат. Погодената област веднаш е евакуирана“, соопшти портпаролот на компанијата „Нинас“.
Претходно од таму изјавија дека гори сурова нафта, но дека зградите не горат и дека нема опасност од ширење на пламенот. Неколку лица добиле полесни повреди, соопшти полицијата.