Европа
Рекорден број заболени од коронавирус во Грција и Италија

Во Грција денеска е забележан рекорден број од 35.580 новозаразени од коронавирус, а во земјата доминантен е омикрон-сојот.
„Се чини дека нападот на омикрон е многу интензивен“, рече заменик-министерката за здравство, Мина Гага.
Грчкиот министер за здравство, Танос Плеврис, вчера најави нови ограничувања во угостителскиот сектор, кои ќе стапат во сила вечерва.
Според новите мерки, баровите, ноќните клубови и рестораните ќе може да работат до полноќ, но без музика, освен за новогодишната ноќ, кога ќе може да работат до два часот по полноќ.
„Овие мерки, доколку строго се применат, ќе ни овозможат да им се вратиме на нашите нормални животи од средината на јануари“, рече Плеврис.
Од минатата недела во земјата се забранети сите прослави за божикните и за новогодишните празници на јавни места, а воведено е и задолжително носење маски на отворено.
Рекорден број новозаразени од Ковид-19 е забележан и во Италија во изминатите 24 часа, со бројка од 126.888 зарзаени лица, соопшти италијанското Министерство за здравство.
Во болниците има 10.866 пациенти, а на одделите за интензивна нега се примени 134 лица, така што вкупниот број на пациенти на интензивна нега е 1.226 лица, соопштиле италијанските власти.
Во Италија од почетокот на епидемијата на коронавирус починале 137.247 луѓе, што е втор најголем број на смртни случаи во Европа по Велика Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шестмесечно бебе починало кога мајката го оставила во автомобилот во Белгија

Шестмесечно бебе починало кога мајка му ја оставила во автомобил во градот Шарлроа, Белгија.
Мајката, која работи во болницата „Сен Жозеф де Жили“ во градот Шарлроа, го оставила бебето во автомобилот наместо во болничката градинка, пишуваат медиумите во регионот.
Бебето за кое се вели дека има шест месеци го забележале луѓе околу 17.30 часот.
Полицијата и екипите на итната помош пристигнале до автомобилот, но, за жал, единствено што можеле да направат е да утврдат дека бебето, кое од утринските часови било заклучено во автомобилот на сонце, починало.
Се очекува обдукцијата да ја утврди точната причина за смртта на бебето, а истрагата за инцидентот е во тек.
Европа
Холандија и Зеленски ја притискаат Шпанија да му даде „Патриот“ на Киев

Холандија и украинскиот претседател Володимир Зеленски вршат притисок врз премиерот на Шпанија, Педро Санчез, да го снабди Киев со противракетни одбранбени системи „Патриот“, пренесува мадридски „Ел паис“.
Зеленски му го пренел своето барање на Санчез на неодамнешната средба во рамките на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија.
Во прашањето за испраќањето системи „Патриот“ во Шпанија се вклучени и холандскиот премиер Марк Руте и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бидејќи шпанската батерија со тој противракетен систем е распоредена во Турција во рамките на НАТО.
Во Молдавија, Руте му ветил на Зеленски дека ќе му помогне да ја зајакне воздушната одбрана на Киев со системите „Патриот“ и ловците „Ф-16“, а претходно, по средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, вети дека Холандија ќе ѝ испорача „Патриот“ на Украина.
Како што пишува „Ел паис“, Киев се обидел да го иницира прашањето за испорака на „Патриот“ со Шведска, Полска и Романија, па и со земји надвор од Европа, како ОАЕ.
Проблемот што го наведува Шпанија е што една од нејзините две батерии „Патриот“ и единствената што ги исполнува сите оперативни барања на НАТО е распоредена во турската база „Инџирлик“ од 2015 година, а втората ѝ е неопходна за национална одбрана и е сместена во Валенсија.
Шпанската армија купи половни „Патриоти“ од Германија во 2004 и 2014 година.
Шпанија, како што се вели во статијата, би била подготвена да му ја даде на Киев батеријата распоредена во Турција, но Ердоган јасно стави до знаење дека е заинтересиран да ја задржи батеријата во Турција и по 31 декември оваа година, кога истекува договорот.
„Ел паис“ оценува дека системот „Патриот“ веќе долго време не е потребен во Турција од одбранбени причини бидејќи веќе не постои ризик од ракетен напад од соседна Сирија. Сепак, шпанскиот „Патриот“ на тоа место има големо политичко значење бидејќи ја покажува солидарноста на НАТО со Турција.
Шпанскиот весник додава и дека шпанските „Патриоти“ се пред крај на силите и дека ако не се модернизираат, ќе мора да бидат деактивирани. Средствата за надградба на двете батерии „Патриот“ се веќе доделени, а во моментот се чека одобрение од САД.
Европа
Oбјавено видео од напаѓачот што со нож бодеше деца во парк во Франција

Четири мали деца и едно возрасно лице се повредени во напад со нож во парк во градот Анеси на француските Алпи, соопшти француската полиција откога првично објави дека осум деца се повредени.
Животите на три жртви се во опасност, според агенциите. Според британската агенција „Ројтерс“, станува збор за три деца, а според француската новинска агенција АФП, во прашање се две деца и еден возрасен маж.
🔴 Vidéo du demandeur d’asile syrien a qui poignardé des enfants à #Annecy. pic.twitter.com/RlmTfFDyah
— Damien Rieu (@DamienRieu) June 8, 2023
Децата се на околу три години, соопшти полицијата.
Attaque au couteau à Annecy: l’interpellation de l’agresseur filmée par un témoin pic.twitter.com/Q0EHJypyRr
— BFMTV (@BFMTV) June 8, 2023
На социјалните мрежи кружи видео, на кое наводно се гледа како родители го фаќаат напаѓачот по нападот.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на „Твитер“ објави дека напаѓачот е уапсен.
Телевизијата БФМ јави дека нападот се случил во парк во близина на езерото Анеси околу 9.45 часот и дека напаѓачот бил сириски барател на азил.
Полицијата соопшти дека осомничениот е Абдалмасих Х., сириски бегалец, кој легално влегол во Франција. Тој поднел барање за азил на 28 ноември 2022 година.
Се уште не се јасни точните околности на нападот.
Безбедносните сили беа бргу испратени на местото на настанот, рече Дарманин.
Во паркот покрај езерото во Анеси деца на околу три години биле на утринско излегување кога одеднаш се појавил маж со нож и почнал да ги боде.
Некои деца биле во колички, јавува Би-би-си.
Напаѓачот потоа побегнал од местото на настанот, а подоцна нападнал постар човек, кој се движел во близина.
Во тој момент интервенирала полицијата, а напаѓачот бил застрелан во нозете и бил совладан.