Европа
Ротердам дозволи протест на Турците против холандската полиција
Градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб, дозволи во петок да се одржи протест на турските државјани во Холандија, против начинот на кој полицијата се однесувала кон демонстрантите минатиот викенд.
Портпаролот на градоначалникот Ленарт де Јонг рече дека организаторите на протестот како причина навеле „одбрана на правата на Турците“, пренесува AFP.
Холандската полиција минатиот викенд употреби кучиња и водени топови за да ги растера стотиците демонстранти кои мафтаа со турски знамиња пред конзулатот во Ротердам, а некои од нив фрлаа шишиња и камења врз полицајците.
Очевидци за агенцијата Reuters изјавија дека полицајците по некои од демонстрантите мавале со пендреци.
Протестите избија откако Холандија во саботата забрани слетување на авионот во кој патуваше турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Ротердам, каде што планираше да одржи митинг и да ги повика локалните Турци да гласаат за зголемување на овластувањата на претседателот Реџеп Таип Ердоган на референдумот во Турција во април. /крај/мф/вс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
