Европа
Русија протера двајца германски дипломати

Германскиот амбасадор во Москва Геза Андреас фон Геир бил поканет во руското Министерство за надворешни работи поради протерувањето на руските дипломати од Германија, пренесуваат медиумите во светот.
Германската министерка Аналена Бербок претходно изјави дека Берлин прогласил двајца вработени во руската амбасада за персона нон грата поради случајот со убиството на грузискиот државјанин Зелимкан Кангошвили.
Германското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека одлуката на Русија да протера двајца дипломати од амбасадата во Москва не е изненадување, но смета дека е целосно неоснована.
„Министерството за надворешни работи на Русија денеска го информираше германскиот амбасадор во Москва дека двајца членови на германската амбасада во Москва се прогласени за непожелни. Според информациите добиени од руска страна, станува збор за реципрочна мерка поврзана со прогласувањето на двајца членови на руската амбасада во Берлин за непожелни“, се вели во соопштението на министерството.
Од таму посочуваат дека одлуката на германската влада од минатата недела била соодветна реакција на пресудата во Берлин, според која убиството од пред две години во Берлин е извршено по државна наредба, што е сериозно прекршување на германскиот суверенитет.
Се нагласува дека германската влада сака соработка со Руската Федерација врз основа на меѓународното право и со меѓусебно почитување.
„Денешната одлука на руското министерство повторно ги оптоварува нашите односи“, соопшти министерството.
На 15 декември Берлин прогласи двајца вработени во руската амбасада за непожелни поради убиството на грузискиот државјанин Зелимкан Кангошвили.
Претходно Врховниот суд во Берлин го прогласи рускиот државјанин Вадим Соколов (Красиков) за виновен за тоа убиство и го осуди на доживотен затвор.
Според германското обвинителство, делото е извршено по налог на „руската влада“, а одбраната инсистирала дека нема доволно докази за тврдењата на обвинителството, пишуваат агенциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.