Европа
Семејството се спаси, но не и 17-годишната девојка: заедно бегале од пожарот во турскиот хотел, а потоа таа исчезнала

Најмалку 76 лица загинаа во страотниот пожар што избувна во хотел во Турција среде ноќ, меѓу кои и една тинејџерка (17), чие цело семејство избега.
Стоматологот Мачит Каратасли и неговото семејство биле на одмор во хотел во ски-центар кога избувнал пожарот. Семејството кое беше зафатено во пожар додека спиеше, како и повеќето гости, среде голема паника успеало да побегне од хотелот. Меѓутоа, неговата ќерка Озум (17) не преживеала.
Според медиумите, семејството почнало да бега од пожарот, но во еден момент Озум истрчала во друга насока и исчезнала.
Семејството почнало да ја бара веднаш по несреќата, но за жал дошло до трагично откритие. Нивната ќерка не можела да го напушти хотелот и загинала во пожарот.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја синоќа изјави дека бројот на загинати во хотелот во ски-центарот Карталкаја се искачи на 76, а во врска со пожарот досега се приведени девет лица.
Пожарот што вчера рано наутро избувна на последните катови на хотелот „Гранд Картал“ од засега непозната причина траеше десетина часа, а во гаснењето учествуваа и пожарникари од околните градови, јавува Анадолија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека среда, 22 јануари, е прогласен за ден на национална жалост за жртвите од пожарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Рубио: Европа и Украина ќе бидат вклучени во вистински мировни преговори

Американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Си-би-ес изјави дека Украина и Европа ќе бидат вклучени во какви било вистински преговори со цел да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина.
Рубио ја минимизираше европската загриженост дека тие би можеле да бидат исклучени од претстојните мировни преговори меѓу Русија и САД, кои ќе се одржат во Саудиска Арабија во наредните денови. Тој нагласи дека преговарачкиот процес се уште не е започнат сериозно, но доколку разговорите продолжат, ќе бидат вклучени Украина и европските земји.
Рубио потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп разговарал со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела. За време на тој разговор, Путин изрази интерес за мир, додека Трамп јасно стави до знаење дека сака траен договор што го обезбедува суверенитетот на Украина.
„На крајот на краиштата, ако ова се вистински преговори – а ние сè уште не сме во тој момент – Украина ќе мора да биде вклучена бидејќи таа е нападната, а Европејците ќе мора да учествуваат бидејќи тие се оние кои воведоа санкции кон Путин и Русија“, рече Рубио.
„Еден телефонски повик не носи мир“, додаде тој, истакнувајќи дека следните неколку недели ќе бидат клучни за проценка на сериозноста на овие разговори.
На прашањето дали разговарал за укинување на санкциите кон Русија за време на телефонскиот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата, Рубио одби да даде јасен одговор. Но, рече дека разговарале за тешките услови под кои работи американската амбасада во Москва.
Тој додаде дека функционалните амбасади во двете земји се клучни за напредок во мировниот процес.
Европа
Украинска пратеничка: Не ни се чини дека Русија сака мир

По веста за прекин на струја низ Украина, украинската пратеничка Кира Рудик од проевропската партија Холос разговараше со новинарите на светскиот сервис на Би-би-си во емисијата „Њуздеј“.
„Секоја вечер сме нападнати“, рече таа.
„Не ни се чини дека Русија сака мир и навистина сме изненадени што некој во светот мисли поинаку“, рече таа, мислејќи на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Би било многу едноставно за нив да покажат дека сакаат мир – тие само ќе треба да ги повлечат своите трупи од Украина и тоа би било тоа“, рече таа.
Европа
Прекин на струја низ Украина по руските напади

Неколку украински региони се погодени од прекини на електрична енергија по руските напади врз енергетската инфраструктура, соопшти украинскиот државен оператор за пренос на електрична енергија Укренерго.
Компанијата не соопшти повеќе детали, но најголемата украинска приватна електроенергетска компанија ДТЕК пријави прекин на електричната енергија во главниот град Киев и поширокиот регион, како и во централниот регион Дњепропетровск.
Прекини на струја има и во Херсон на југот на земјата, објави на Телеграма Роман Мрочко, шеф на градската воена управа на Херсон.
Во друг јужен град, Миколаив, околу 100.000 луѓе останаа без греење по напад на руски дрон.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана тврди дека пресретнало и уништило 90 украински беспилотни летала во неделата навечер.