Европа
Украинците: Целосно го исчистивме Купјанск од руски војници
Украинците тврдат дека ги истуркале Русите од Купјанск во областа Харков и дека сега ја контролираат ситуацијата на периферијата на градот.
„Тие се обидуваат да се инфилтрираат преку мали напаѓачки групи, а потоа се натрупуваат. Тоа го прават без ангажман на голем број оклопни возила. Успеавме да ја стабилизираме ситуацијата на тој фронт, а непријателот беше одбиен“, рече Назар Волошин, портпарол на Оперативната стратешка група на силите.
„Непријателската опрема и обидите за преминување на другата страна веднаш се спречени со акција на артилерија и беспилотни летала. Се е под контрола на нашата одбрана. Дури и ако некои групи преминат со 8 или 10 лица, двајца или тројца од нив стигнуваат до брегот“, додаде Волошин, пренесува „Украинска правда“.
Олех Синехубов, шеф на воената администрација на Харковската област, исто така изјави дека руските сили со брод го минуваат десниот брег на реката Оскил во областа Купјанск, но нагласи дека украинските бранители ги уништуваат овие групи.
„Да, имаше такви случаи. Диверзантско-извидувачките групи постојано ги тестираат одбранбените позиции на нашата армија и користат различни тактики. Тие го минуваат Оскил со чамци. Тие всушност шетаат низ мински полиња. А нашите војници ги откриваат сите овие случаи и се обидуваат да го уништат непријателот што е можно повеќе на приодите на Ќупјанск и други области“, рече тој.
Проукраинскиот телеграмски канал DeepState објави и дека украинските војници ја завршиле операцијата за расчистување на Купјанск. Купјанск беше заземен од руските сили на почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, но беше повторно преземен од украинските сили подоцна истата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Писториус: Русија може да ги нападне членките на НАТО во рок од пет години
Борис Писториус предупреди на теоретска закана од руски напад врз земјите на НАТО во 2029/2030 година. Според него, дотогаш Русија би можела да ја зголеми својата војска на 1,5 милиони војници.
„Со оглед на растот на руската армија, постои теоретска можност Русија да се обиде да ги нападне земјите на НАТО во 2029-2030 година. Затоа е особено важно дотогаш да се обезбедат одбранбените способности на Алијансата“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус, како што објави Украинска Правда.
Според Борис Писториус, воени експерти внимателно ја следат ситуацијата во Русија.
„Воените експерти многу внимателно ги следат настаните во Русија. Воената индустрија таму значително се развива, произведувајќи голем број тенкови и авиони, што значи дека руските вооружени сили значително растат. До 2026 година нивниот број може да се зголеми на 1,5 милиони војници “, рече Писториус.
Тој истакна дека воените експерти веруваат дека „Путин би можел да ги реорганизира своите вооружени сили до 2029/2030 година за да создаде соодветни услови за можен теоретски напад врз други земји“, вклучително и земјите од НАТО.
„Затоа, ние мораме дотогаш да ја обезбедиме нашата одбранбена способност. Оваа задача, се разбира, бара и време и пари, но ние сме посветени на оваа цел“, нагласи тој.
Европа
Франција издаде налог за апсење на Башар ал-Асад
Француското правосудство вчера издаде налог за апсење на соборениот сириски лидер Башар ал-Асад под сомнение дека учествувал во воени злосторства, особено во врска со смртта на маж со француско-сириско потекло во 2017 година. Истражните судии го сомничат Асад за соучесништво во убиства и напади врз цивили.
Весникот „Ле Паризиен“ објави дека 59-годишен маж бил убиен кога неговата куќа, во јужниот сириски град Дара, била бомбардирана од хеликоптери на сириската армија во јуни 2017 година. Повикувајќи се на истражители, весникот наведува дека француското правосудство се сомнева дека Асад го наредил нападот и ги обезбедил потребните средства за него. Во тоа време владата на Асад се обидуваше да ја преземе контролата врз Дара од опозициските сили.
Во 2023 година француското правосудство издаде налог за апсење на Ал-Асад во врска со напади со хемиско оружје. Ова особено се однесува за тешките хемиски напади во регионот Источна Гута во близина на Дамаск во август 2013 година. Во нападот со нервен гас сарин загинаа стотици луѓе. Организациите за човекови права известуваат за повеќе од 1.000 смртни случаи.
Европа
Семејството се спаси, но не и 17-годишната девојка: заедно бегале од пожарот во турскиот хотел, а потоа таа исчезнала
Најмалку 76 лица загинаа во страотниот пожар што избувна во хотел во Турција среде ноќ, меѓу кои и една тинејџерка (17), чие цело семејство избега.
Стоматологот Мачит Каратасли и неговото семејство биле на одмор во хотел во ски-центар кога избувнал пожарот. Семејството кое беше зафатено во пожар додека спиеше, како и повеќето гости, среде голема паника успеало да побегне од хотелот. Меѓутоа, неговата ќерка Озум (17) не преживеала.
Според медиумите, семејството почнало да бега од пожарот, но во еден момент Озум истрчала во друга насока и исчезнала.
Семејството почнало да ја бара веднаш по несреќата, но за жал дошло до трагично откритие. Нивната ќерка не можела да го напушти хотелот и загинала во пожарот.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја синоќа изјави дека бројот на загинати во хотелот во ски-центарот Карталкаја се искачи на 76, а во врска со пожарот досега се приведени девет лица.
Пожарот што вчера рано наутро избувна на последните катови на хотелот „Гранд Картал“ од засега непозната причина траеше десетина часа, а во гаснењето учествуваа и пожарникари од околните градови, јавува Анадолија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека среда, 22 јануари, е прогласен за ден на национална жалост за жртвите од пожарот.