Европа
(Фото) Нова мапа: Русите ја свртуваат ситуацијата во Курск
Според последните извештаи, руските сили успеале да вратат дури четвртина од територијата што Украина ја освои во Курск, два месеца откога Киев почна офанзива во областа.
На 6 август Украина почна напад врз слабо одбранет руски регион, кој се граничи со украинската област Суми. Сепак, руските сили почнаа контраофанзива, која трае веќе една недела, и успеаја да вратат 120 квадратни километри, објави каналот на „Телеграм“, DeepState.
Има разни извештаи за рускиот успех во операцијата. Командантот на специјалните сили, Ахмат Апти Алаудинов, изјави дека Москва вратила околу половина од територијата што Украинците ја зазедоа во Курск.
Сепак, DeepState изјави дека Украина изгубила речиси четвртина од територијата што ја окупирала, која на својот врв во август изнесувала приближно 900 квадратни километри. Киев, од друга страна, тврди дека окупирал вкупно 1.300 квадратни километри.
Рускиот канал на „Телеграм“, „Астра“, вчера објави дека Москва ги вратила селата Љубимовка и Толстој Луг, каде што минатата недела беа отсечени украинските војници. Каналот додаде дека киевскиот гарнизон во Олговка е практично уништен.
Проруските воени блогери исто така објавија дека Русија го зазеде селото Черкаскаја Конопељка, југоисточно од административниот центар Суџа, контролиран од Украина.
Најновата мапа од Институтот за проучување на војната ги покажува овие наводни руски напредоци, иако американскиот тинк-тенк во понеделникот рече дека нема независна потврда за тврдењата и дека податоците укажуваат само на руско присуство на околу 8 километри од Суџа.
Олександар Сирски, украинскиот командант, минатата недела изјави дека Русија преселила околу 50.000 војници во регионот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека и покрај руските обиди да ја пробие одбраната на Киев, „момците ги држат своите позиции и даваат отпор“.
Рускиот воен блогер Борис Рожин рече дека сезоната на кал почна и дека руските сили, кои се потпираат на возила гасеници, имаат предност во однос на украинските возила на тркала, иако лошите услови на теренот ги погодуваат и двете страни.
Институтот за проучување на војната претходно изјави дека сезоната на кал веројатно била еден од факторите што ја натерале Москва да ги интензивира своите контранапади во Курск.
Војникот од украинскиот баталјон „Ајдар“, Станислав Буњатов, изјави дека лошото време ја отежнува работата на беспилотните летала и воената опрема. „За време на дожд нашите беспилотни летала не може ефикасно да работат“, изјави Буњатов за независниот медиум „Политика страна“ додавајќи дека возилата се заглавуваат и дека „артилеријата не може да се замени со беспилотни летала, ниту може да се изврши минирање“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Фото) Од вечерва голем штрајк во Белгија: голем број летови се откажани или одложени
Во Белгија од вечерва во 22 часот до утревечер е закажан 24-часовен генерален штрајк на работниците поради плановите за реформа на пензискиот систем, јавија белгиските медиуми.
Синдикатите кои ги претставуваат работниците во транспортот, образованието, Националната затворска служба и други области повикаа на генерален штрајк поради пензиската реформа која најверојатно ќе ја спроведе идната влада.
Голем број летови ќе бидат откажани или одложени, како и повеќето поаѓања на возови, а јавниот градски превоз во Брисел значително ќе биде намален, објави „Brussels Times“.
Општинските служби утре нема да го собираат сметот во Брисел.
Во штрајкот ќе учествуваат и над 20 илјади наставници.
Европа
(Видео) Се судрија два трамваи во Стразбур: повредени најмалку 20 лица
Најмалку 20 лица се повредени при судир на два трамваи во Стразбур, во источна Франција, пренесуваат француските медиуми.
Несреќата се случила откако машиновозачот не ги почитувал знаците и завршил на погрешна пруга пред директно да се судри со неподвижен трамвај.
🚨🇫🇷BREAKING: TRAM COLLISION IN FRANCE LEAVES 20+ INJURED
2 trams collided at a station in Strasbourg, France, near the border of Germany, leaving dozens injured.
Emergency services are on site, cause is unknown.
Source: CNN, BBO, CNews
pic.twitter.com/O9yPAbma7J— Mario Nawfal (@MarioNawfal) January 11, 2025
Според првичните проценки, пет лица се тешко повредени.
Противпожарната и спасувачката служба на Bas-Rhin потврди дека бројни ресурси се мобилизирани и се на лице место.
Европа
Зеленски: 34 земји ветија дека ќе ѝ помогнат на Украина, очекуваме 2 милијарди долари
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека последната од серијата состаноци со западните сојузници во Германија резултирала со ветувања за дополнителни 2 милијарди долари воена помош во војната против Русија.
Зеленски, во изјава за телевизискиот канал „Моја Украина“ по вчерашната средба, даде неколку детали за помошта, велејќи дека 34 земји ветиле поддршка во различни аспекти.
Тој го оцени состанокот како многу добар, истакнувајќи дека на Украина и биле ветени дополнителни пакети за поддршка во вредност од две милијарди долари, кои вклучуваат воздушна одбрана, информатичка технологија, технологија за деминирање, а поддршката важи и за поморските и воздушните сили и артилерија. „И сето тоа ќе ја зајакне Украина“, рече Зеленски, без да открие за кои земји станува збор.
Зеленски вчера беше на средба со сојузниците во американската воена база во Рамштајн, Германија, на која беше спомената висината на помошта во вредност од околу половина милијарда долари. Украинскиот лидер потоа се состана со италијанската премиерка Мелони во Рим, со која разговараше за подобрување на воздушната одбрана на Украина и напорите за формирање унифицирана позиција насочена кон придвижување кон решавање на војната.
Ројтерс објави дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно изјавил дека Вашингтон ќе и обезбеди на Украина дополнителна воена помош од 500 милиони долари, вклучувајќи ракети за противвоздушна одбрана, муниција воздух-земја и опрема за поддршка на борбени авиони Ф-16.