Контакт

Daily news

Франција: Меланшон најуверлив во втората тв дебата за претседателските избори

Објавено пред

Во првата во историјата телевизиска дебата за француските претседателски избори на која учествуваа сите единаесет претенденти која се одржа во вторникот доцна ноќта, првичните анкети укажуваат дека најуверлив бил кандидати на левицата Жан-Лук Меланшон, но и натаму голем е процентот на гласачите кои не се одлучиле за ниеден од кандидатите.

Во телевизиската дебата, којашто се одржа на каналите BFMTV и CNews, како и на радиото RMC ноќта кон средата учествуваа единаесетте кандидати: поранешниот премиер Франсоа Фијон, поранешниот министер за образование Беноа Амон, поранешниот министер за економија Емануел Макрон, лидерката на крајната десница Марин Лепен, основачот на новото движење Непокорна Франција, Жан-Лук Меланшон, кандидатот на партијата Исправи се Франција, Николја Дупон-Ењан, кандидатот од крајно левата Работничка борба Натали Арто, лидерот на Новата антикапиталистиличка партија, Филип Путу, основачот на партијата Солидарност и прогрес, Жак Шеминад, пратеникот центрист Жан Ласал и лидерот на Народно-републиканскиот сојуз, Франсоа Аселино.

Атмосферата

Распоредот на настапите на кандидатите беше направен со жрепка. Беше одреден и редоследот на говорниците на отворањето на секоја од дебатите и репликите. За одговорите секој од кандидатите имаше на располагање вкупно 17 минути, иако не се успеа кандидатите да се задржат во овие ограничувања. Така, се покажа дека Лепен зборувала повеќе од 19 минути, а Шеминад само 15.

Минатата телевизиска дебата на којашто учествуваа петте водечки во анкетите кандидати ја постави полемиката дали може кандидатите да користат мобилни телефони, откако се покажа дека Фијон добива извештаи од својот тим буквално во директниот пренос. Овојпат, организаторите забранија кандидатите да ги носат своите паметни телефони на сцената.

Но затоа, пак, беше овозможено тие да донесат „групи за поддршка“, а на придружниците на кандидатите во студиото им беа одредени специјални места. Некои од нив ги донесоа своите заменици и помошници, а поддршката на Лепен ѝ ја даде и нејзината постара сестра Мари-Каролин.

Темите на дебатата

Овојпат дебатата беше фокусирана главно на дискусијата за внатрешната политика на земјата, местото и улогата на Франција во Европската унија и на социјалните прашања. Кандидатите требаше да одговорат на трите главни прашања: Како да се создадат работни места?; Како да се заштитат Французите? и Како ќе го спроведете вашиот социјален модел?

Дискусиите започнаа буквално во првите минути и беа доста живи, но од дофрлувањата на неколку кандидати истовремено беше невозможно да се разберат целосно нивните ветувања. Поради тесните временски рамки, политичарите зборуваа брзо и сликовито, за да добијат во време на избирачите да им пренесат што повеќе информации. Неколкупати водителот на дебатата сериозно се вмеша, за да ги прекине префрлувањата меѓу кандидатите.

Првите два часа до дебата која траеше четири часа беа посветени на прашањата на односите со Европа, исламизмот и имиграцијата.

Безбедносни прашања

Разговорите за надворешната политика беа речиси целосно посветени на улогата на Франција во Европа, додека на меѓународната агенда речиси и не беше обратено внимание.

Сепак, Беноа Амон изрази сочувство со Русија и Сирија, по терористичкиот напад во Санкт Петербург и хемискиот напад во Идлиб. Покрај тоа, Амон порача дека „има намера да се бори заедно со Русија на Владимир Путин и со САД на Доналд Трамп“.

Но не сите негови конкуренти имаа исто однос кон странските партнери. На пример, Франсоа Фијон, кандидатот на конзервативната партија Републиканци, рече дека „со Русија, Кина и САД мора да се зборува отворено“ и, исто така, повика со Москва да се направи сојуз за справување со радикалниот исламизам. Тој инсистираше на победа над тероризмот, спасувањето на Европа, обновувањето на националната гордост и вети дека ќе ги врати редот и безбедноста во земјата.

Од своја страна, лидерот на новото движење Напред, Емануел Макрон, рече дека во борбата со тероризмот неопходно е да се „искорени заканата во нејзините основи“. Неговите методи во оваа борба претпочитаат зајакнување на разузнавачките агенции и продолжување на воените операции во Сирија, Ирак и Мали.

Во разгорот на дебатата за справувањето со тероризмот, челничката на крајната десница Национален фронт, Марин Лепен рече дека Франција станала „универзитет на џихадистите“. Таа повика да се поврати контролата на границите на земјата со цел да се ограничи протокот на мигрантите, меѓу кои често се уфрлуваат терористите, а исто така да се зголеми бројот на полицајците и жандармите на 15.000 припадници. Лепен додаде дека таа е онаа којашто „ќе го врати зборот на народот“ на Франција кој е изложен на „галопирачка несигурност, дива глобализација и исламски тоталитаризам“.

Путу и Аселино, зборувајќи за безбедносните прашања, се согласија дека „Франција треба да го прекине истрајувањето на воено решение и да престане да им продава оружје на диктатурите“, под кои тие ги подразбираат особено Катар и Саудиска Арабија.

Економија

Тема на сериозни спротиставувања меѓу претседателските кандидат беше и иднината на економијата во Франција.

Лепен, којашто одамна се залага за излегување на Франција од еврозоната па и од ЕУ, повторно зборуваше за економскиот протекционизам.

На тоа се спротистави Макрон, велејќи дека предлогот на неговата ривалка да воведе „интелигентен протекционизам“ ќе доведе до намалување на куповната моќ на граѓаните и до економска војна. Тој остро ја нападна Лепен обвинувајќи ја дека „ги повторува лагите, кои порано ги говореше нејзиниот татко“, Жан-Мари Лепен, основачот на Националниот фронт, кој е отстранет од почесното претседателско место во партијата поради антисемитските ставови. Самиот тој се претстави како кандидат кој е подготвен „да преземе силни мерки“ и рече дека има доверба во Франција.

Амон, исто така, реплицираше на говорот на Лепен. „Што би се случило при излегување од ЕУ? Утре нема да постои Европа, а конкуренцијата ќе стане неконтролирана“, рече.

Образецот за претседател

Друга тема на којашто остро се судрија мислењата на кандидатите беше прашањето на „примерниот претседател“. Според Ласал, „веќе децении во земјата не е избран примерен претседател“.

Од своја страна, пак, Путу, се обрати кон двата ривала – Фијон и Лепен, посочувајќи на нивната вмешаност во финансиски скандали со фиктивни вработувања. „За Фијон, колку повеќе се копа, толку повеќе гледаме корупција. И да дополнам, вакви ли луѓе ни зборуваат дека е неопходно да се држи строгоста а самите влечат од буџетот. Што се однесува до Лепен, таа влече од касата на Европа“, рече без стеснување претседателскиот кандидат.

Макрон, кој во последни време е често обвинуван за преминот од јавните служби во приватниот сектор, уште еднаш уверуваше во сопствениот интегритет, чесност и независност. „Ги оставив сите свои обврски за да претставам пред вас. Отсекогаш бев чист и ја сочував својата независност“, рече поранешниот министер за економија во владата на социјалистичкиот претседател на заминување Франсоа Оланд.

Поранешниот француски премиер се осврна на забелешките за таквите аспекти од неговата работа, истакнувајќи дека е под презумпција на невиност. „Никој нема да ме заплаши, ќе избираат Французите“, рече Фијон. Додаде дека „достојниот претседател, според неговото мислење, е оној кој го почитува својот премиер, ги исполнува обврските кон Французите и не им оддава на новинарите воени тајни“.

Лепен рече дека е жртва на „политички прогон“, „Дали ова е полициско сослушување. Мислев дека ова е дебата, но изгледа дека тука се обвинители“, рече кандидатката на Националниот фронт.

На тоа кандидатот на Социјалистичката партија Беноа Амон, ѝ возврати дека „глуми жртва“.

Резултати

По завршувањето на телевизиската дебата институтот Elabe ги објави резултатите од вообичаената анкета за тоа кој од кандидатите оставил најмногу впечаток кај гледачите во текот на соочувањето.

На прво место во овој рејтинг го доби Меланшон со 25 отсто од гласовите на гледачите. Со 4 отсто помалку поддршка зад него е Макрон, а тројката лидери ја заокружува Фијон со 15 отсто поддршка од испитаниците. Лепен добила 11 отсто од гласовите, а Амон 9 проценти.

Од кандидатите кои досега беа речиси незабележителни во претседателската трка, само Дупон-Ењан успеа да надмине 5 отсто, добивајќи поддршка од 6 отсто од испитаниците. Тотален аутсајдер е Шеминад, за кого не гласал ниту еден испитаник.

Во истата анкета испитаниците рекле дека сметаат дека Макрон има најдобра програма за Франција од сите кандидати, додека зад него е Меланшон.

Анкетата била спроведена врз 1.024 телевизиски гледачи на возраст над 18 години, кои ја следеле дебатата. Изборите за претседател на Франција ќе се одржат во два круга, првиот на 23-ти април, а конечниот расплет ќе го даде гласањето на 7-ми мај.

Фаворити во првиот круг се Лепен и Макрон, кои во анкетите добиваат по околу 26 отсто од гласовите, додека Фијон, кој до избувнувањето на аферата кон крајот на јануари важеше како главен фаворит за конечен победник на претседателските избори сега падна на третото место./крај/мф/сн

Најново

Македонија2 часа

Објавено со што е загадена водата во Гостивар, жителите ја пиеле од 25 јуни кога биле поставени пумпи од канал

Основното јавно обвинителство Гостивар вечерва донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица за Тешки дела против животната средина...

Забава2 часа

(Видео) Читач на усни: Трамп ја повторуваше истата реченица на секој шпански играч

Доналд Трамп вчера им го додели трофејот и медалите на победниците на Светското првенство, шпанската репрезентација. Американскиот претседател, исто така,...

Забава3 часа

Зошто утринската прошетка е една од најдобрите навики за здравјето?

Не секоја форма на чување на здравјето мора да биде поврзана со големи промени и напорни тренинзи. Понекогаш една од...

Свет3 часа

Мамдани проверува дали може да го уапси Нетанјаху; Трамп: Нема да биде уапсен

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да биде уапсен за време на неговата посета...

Македонија3 часа

ВМРО-ДПМНЕ: Изгледа СДС не знаат што е истрага и доверливост на информации

Изгледа СДС не знаат што е истрага и доверливост на информации, со цел постапката да се компромитира. Или, пак, нивните интереси...

Спорт3 часа

(Видео) Јамал откри што му рекол Меси по финалето: „Неговите зборови вредат колку медал“

Шпанија вчера ја освои својата втора светска титула победувајќи ја Аргентина во финалето на Светското првенство. Фуријата славеше во големото...

Економија4 часа

Владата ги намали акцизите: Бензините наместо 4 поскапеа 3 денари, а дизелот наместо 8 поскапе 6 денари

Владата, на денешната седница, донесе Одлука со која се определува видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка...

Македонија4 часа

Бензините поскапуваат за 3, дизелот за 6 денари

Бензините од ноќеска на полноќ ќе поскапат за 3, дизелот за 6 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги...

Свет5 часа

Велика Британија има нов премиер, четврти за четири години

Британскиот крал Чарлс го назначи новиот лидер на Британската лабуристичка партија, Енди Бернам, за премиер и му ја довери задачата...