Европа
Шулц вети дека ќе ја направи SPD најсилна партија во Германија
Претседателството на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) едногласно во неделата го избра донеодамнешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, за кандидат за канцелар на парламентарните избори во септември, а тој вети дека најстарата партија во земјата ќе ја направи најсилната во Германија.
„Возбуден сум и благодарен сум на укажаната доверба. Ветувам напната и чесна предизборна кампања“, изјави 61-годишниот Мартин Шулц откако претседателството на SPD едногласно го поддржа предлогот на досегашниот претседател на партијата Зигмар Габриел, Шулц да го преземе кормилото на партијата и согласно практиката за да може да биде кандидат за канцелар.
Пред повеќе од илјада делегати во седиштето на партијата во Берлин, Шулц најави враќање на SPD на политичката сцена и вети дека социјалдемократите ќе станата најсилната политичка партија во Германија.
„Ние мораме повторно да ја добиеме довербата. Само во општество кое застапува единство можеме да бидеме силни. Се чувствува раздвижување внатре во SPD, но и во целата земја. Ние сакаме и можеме да го искористиме ова еуфорично расположение“, порача Шулц.
Најави дека SPD повторно засилено ќе се сврти кон своите традиционални гласачи, дека ќе се бори за поправеден даночен систем и ќе настојува да осигури жителите во руралните области да ги уживаат истите придобивки како и жителите на големите градови.
„Особено ќе настојувам на тоа работниците да бидат ставени во центарот на вниманието“, рече Шулц најавувајќи зголемување на минималниот надомест за час работа во физички напорните занимања, како на негувателите и вети поголемо вложување во образованието и грижа за децата, како детски градинки и јасли.
Шулц, исто така, најави зајакната борба против затајувачите на данокот и нееднаквоста, особено неправедните односи на пазарот на трудот.„Неодржливо е менаџерот и покрај неспособноста по отказ да прими отпремнина во милиони, а продавачка на касата поради помали пропусти да биде отпуштена“, рече
Подеднакво е неправедно „меѓународен синџир кафулиња во Германија воопшто да не плаќа данок“, додека „мала пекарница на аголот да биде оданочувана од првото заработено евро“.
Шуцл вети чесна изборна кампања наспроти другите партии и од политичките противници побара потпишување на договор за „фер-плеј“.
„Ние кон политичките противници ќе се однесуваме достоинствено и со почитување, Недостигот од чесност и праведен пристап во текот на кампањата во САД длабоко ме вознемири. Такво нешто во Германија не смее да ни се случи“, рече Шулц и најави засилена борба против ширењето лажни вести и омразата на социјалните мрежи.
Привремената забрана за влегување на државјаните од седум муслимански земји на територијата на САД го нарече „бесрамно газење на табуата“.
Шулца најави и жестока борба против евроскептичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD), којашто за многу кусо време се етаблираше како трета политичка сила во Германија и според рејтингот е веднаш зад неговата SPD.
„тоа не е алтернатива, тоа е срамота за Германија“, порача Шулц кусо откако се заложи за фер однос кон политичките противници.
Исто така, повика на поголема солидарност во Европската унија во мигрантската политика, а постапките на некои источноевропски членки и особено на унгарскиот премиер Виктор Орбан за тоа прашање ги нарече „навреда за европското единство“.
Откако во вторникот беше објавено дека Шулц ќе го преземе водството на SPD, во партијата се зачлениле 700 нови членови, a според некои анкети Шулц наводно по популарноста ја надминал актуелната канцеларка и кандидатка на демохристијаните на изборите, Ангела Меркел.
Но истовремено, според досегашните испитувања на јавното мнение, демохристијанската Унија CDU/CSU, предводена од канцеларката Ангела Меркел уверливо води со поддршка од 31 до 38 отсто, додека SPD има поддршка од 20 проценти од гласачите, а AfD, може да се надева на 10 до 15 отсто од гласовите, што ја прави трета според влијанието германска политичка опција./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русите погодија минибус во Херсон, со дрон нападнаа 70-годишник на велосипед
Двајца мажи беа ранети во руски напади во регионот Херсон утрово, а во самиот Херсон беше погоден минибус за јавен превоз.
Руските сили го гранатираа Новораиск, село во близина на Херсон, со повеќе ракетни фрлачи околу 6 часот наутро. 63-годишен маж претрпел рани од шрапнели на ногата, потрес на мозокот, повреди од експлозија и затворена повреда на главата. Тој беше однесен во болница, каде што лекарите ја оценија неговата состојба како умерено сериозна.
Околу триесет минути подоцна, во близина на Инженерне, село во близина на Херсон, руските сили нападнаа со дрон 70-годишен маж кој возел велосипед. Човекот претрпел рани од експлозија и рани од шрапнели на екстремитетите. Му беше укажана медицинска помош и се во тек понатамошни тестови.

Минибус погоден во Херсон
Околу 7 часот наутро, руските сили нападнаа возило за јавен превоз во округот Днепровски во градот Херсон. Јарослав Шанко, началник на воената администрација на градот Херсон, изјави: „Овој пат приватен минибус беше цел на непријателски оган. Според првичните информации, ниту возачот ниту патниците не се повредени.“
Европа
(Видео) Орбан го даде првото интервју по изборите: „Јас сум виновен за поразот“
Виктор Орбан го даде своето прво интервју по изборниот пораз на Фидес, признавајќи дека на партијата ѝ е потребен целосен ремонт и дека тој, како нејзин лидер, ја сноси одговорноста.
Во интервју емитувано во четврток вечерта, унгарскиот премиер во заминување објави дека политичката ера завршила и дека доаѓа реорганизација што ќе биде завршена до крајот на летото.
По изборите на 12 април, Орбан се огласи само на Фејсбук, велејќи дека повеќе од два милиони гласови овој пат се доволни за „чесен пораз“, објавува Telex.hu.
Орбан го опиша поразот како голем, а неговите последици како такви што нема да биде доволно да се променат само една или две позиции. „Потребна е целосна обнова бидејќи политичката ера заврши, мислам дека тоа е видливо и емоционално и во бројките. Десничарската заедница не може да продолжи да живее како порано“, рече тој.
Според него, целата национална опција има потреба од обнова, а ќе се појават многу нови движења. „Фидес и раководството на Фидес мора јасно да стават до знаење, вклучително и мене, дека сме тука и дека може да се смета на нас“, рече тој, додавајќи дека во наредните недели ќе се сретне со активисти и волонтери во изборните единици и ќе предложи свикување изборен конгрес на партијата.
Зборувајќи за изборната ноќ, Орбан рече дека видел дека ќе има проблеми дури и по првите резултати. Кампањата се темелела на претпоставката за нормална излезност, но таа била значително поголема.
„Видов дека е проблем и поминав низ тој емотивен ролеркостер во кој сите сме од тогаш“, рече тој, опишувајќи ги своите чувства. „Во недела, само болка, во понеделник, празнина, а од тогаш сум на работна терапија“.
И покрај поразот, тој им рече на гласачите на Фидес дека добро гласале и дека имаат причина да бидат горди на достигнувањата на владата. „Мора да го поднесете поразот со достоинство. Тоа е тест на силата“, смета Орбан.
Кога директно го прашаа кој е одговорен за поразот, Орбан одговорил: „Јас. Јас сум претседател на партијата“. Тој објасни дека во партијата има одговорност за намерата, но дека тој е исклучок како лидер бидејќи е одговорен за резултатот. Призна дека самиот бил во шок и дека сè уште нема одговор зошто не можел поубедливо да ги презентира пораките на Фидес.
„Не кажав нешто како што треба, бидејќи вториот предлог доби многу повеќе гласови“, рече тој. Да го знаеше конечниот исход, ќе водеше поинаква кампања, но тврди дека неговата порака „дошла од срце“ и дека „искрено разговарал со сите за ситуацијата во земјата“.
Европа
Русија се заканува со акција против четири членки на НАТО
Секретарот на рускиот совет Сергеј Шојгу ги предупреди Финска, Естонија, Латвија и Литванија дека Москва го задржува правото на она што го нарече „самоодбрана“ доколку украинските беспилотни летала ја нападнат Русија користејќи го нивниот воздушен простор.
Коментарите следеа по посебно предупредување издадено од Москва еден ден претходно, во кое се вели дека европската поддршка за украинските беспилотни летала може да доведе до „непредвидени последици“, објави „Киев Индепендент“.
Обвинувањата на Шојгу
Шојгу, кој беше министер за одбрана на Русија на почетокот на целосната инвазија во 2022 година, обвини неколку земји дека стануваат дел од „стратешката позадина“ на Киев. Тој се осврна на инцидентите во кои беспилотни летала се урнаа во Финска и балтичките држави за време на украинските напади врз Уст-Луга, големо руско пристаниште во Финскиот Залив.
Без да даде докази, Шојгу тврдеше дека украинските напади со беспилотни летала врз Русија сè повеќе се лансираат од воздушниот простор на Финска и балтичките држави.
„Ова може да се објасни на два начина: или западните системи за воздушна одбрана се исклучително неефикасни… или тие земји намерно дозволуваат користење на нивниот воздушен простор, што значи дека се активни учесници во агресијата против Русија“, рече тој.
„Во тој случај, според меѓународното право, стапува на сила член 51 од Повелбата на ОН, кој се однесува на неотуѓивото право на државите на самоодбрана во случај на вооружен напад.“
Од друга страна, украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Сибига претходно изјави дека Киев има разузнавачки информации кои укажуваат дека Русија намерно ги пренасочува беспилотните летала кон балтичките држави и Финска за да поттикне тензии.
Балтичките држави ги отфрлија сличните обвинувања што доаѓаат од руските пропагандни медиуми, нарекувајќи ги тврдењата на Москва лажни и негирајќи дека Украина го користела нивниот воздушен простор за напади.
Русија постојано им се заканува на европските земји од почетокот на нејзината целосна инвазија. Полскиот премиер Доналд Туск и други високи европски претставници претходно предупредија дека Москва би можела да биде подготвена за можен воен конфликт со Европа до 2027 година.
