Европа
Австрија размислува за укинување на задолжителната вакцинација
Една недела по стапувањето во сила на Законот за задолжителната вакцинација, под голем притисок на гувернерите на провинциите, австрискиот канцелар Карл Нехамер првпат најави можност за отстапување од оваа мерка.
Тој за весникот „Кронен цајтунг“ изјави дека не ја исклучува можноста за укинување на Законот за задолжителната вакцинација.
„Доколку експертите на комисијата што треба да ја именува Владата одлучат да ја стават надвор од сила задолжителната вакцинација, тоа ќе го слушнеме“, рече тој.
Нехамер рече дека законот постојано се анализира, а тоа го бараат гувернерите на провинциите.
„Сѐ додека експертите велат дека вакцината е клучна алатка, задолжителната вакцинација останува во сила. Меѓутоа, доколку ѝ предложат на владата да го укине законот, тоа ќе биде направено“, објасни тој.
Сè уште не е формирана комисијата на експерти што ја споменува Нехамер.
Тој истакна дека задолжителната вакцинација е совршена алатка, како и дека законот е добро подготвен и може флексибилно да реагира на секоја ситуација.
„Затоа решивме да формираме експертска комисија како советодавно тело, со цел постојано да се анализира усогласеноста со Уставот и дали мерката е сè уште неопходна, особено дали вакцинацијата е вистинската алатка во борбата против вирусот“, рече тој.
Во Долна Австрија експертите предупредуваат на бран во бран.
Австриската министерка за економија, Маргарете Шрамбек, повика на укинување на бесплатните тестови на коронавирус.
Шрамбек е првиот член на австриската влада што се изјасни против бесплатното тестирање, кое досега беше инструмент за контрола на епидемиолошката ситуација.
Бесплатните тестови од почетокот на пандемијата скапо ја чинеа австриската држава, особено ако се има предвид дека невакцинираните мора да имаат негативен тест за да одат на работа или да користат одредени услуги, а вакцинираните не мора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.