Европа
Во Австрија почна четвртото заклучување – затвoрени кафулиња, ресторани
Во Австрија денеска почна четвртото заклучување поради пандемијата на коронавирус, со што земјата стана првата западноевропска земја што повторно воведе драстична и непопуларна мерка оваа есен.
Повеќето места каде што се собираат луѓето, како ресторани, барови, театри и продавници, не може да ги отворат вратите 10 дена, но владата вели дека заклучувањето може да се продолжи на 20 дена.
Ќе мора да се затворат и божикните саеми, кои привлекуваат голем број туристи, но скијачките центри остануваат отворени за вакцинираните. Хотелите ќе се затворат, но ќе останат отворени за оние што останале во нив пред заклучувањето, пишуваат тамошните медиуми.
„Ова беше ситуација кога треба да се реагира. Заклучувањето, релативно тежок метод, е единствената опција за намалување на бројот на инфекции овде“, изјави министерот за здравство, Волфганг Муекштајн.
Владата воведе мерки за изолација на невакцинираните минатата недела, но дневниот број на новозаразени продолжи да расте далеку над бројките од претходниот врв постигнат пред една година.
Во петокот владата објави дека повторно ќе воведе целосно заклучување и дека вакцинацијата ќе биде задолжителна од 1 февруари, потег што го спроведоа само неколку земји.
Граѓаните може да ги напуштат домовите само доколку одат на работа или да купат основни продукти. Одењето на прошетка е дозволено без временски или далечински ограничувања, а истовремено може да се сретнат две лица од разни домаќинства.
Работните места и училиштата остануваат отворени, но владата побара од родителите да не ги испраќаат своите деца во училиштата и да ги држат дома ако е можно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.