Европа
Германија очекува илјадници мигранти да дојдат преку Белорусија
Германската сојузна покраина Бранденбург, која се граничи со Полска во својот источен дел, очекува дополнителни неколку илјади мигранти илегално да влезат во Германија преку Белорусија и Полска во наредните месеци, е соопштено денеска во Потсдам.
„Мораме да сметаме на фактот дека мигрантите, кои се веќе во Полска, Литванија и во Летонија, ќе се обидат да стигнат до Германија“, рече министерот за внатрешни работи на Бранденбург, Михаел Штубген, говорејќи пред комисијата за внатрешни работи во локалниот парламент во Потсдам.
Штубген истакна дека многу мигранти од Ирак, Сирија и од Иран сѐ уште доаѓаат во Белорусија, но истакна дека не е познат точниот број на мигранти на пат кон Германија.
Тој рече дека бројот на мигранти што се обидуваат да ја преминат полско-германската граница сѐ уште е многу далеку од ситуацијата со која се соочи Германија за време на мигрантската криза во 2015/2016 година. Штубген ги отфрли барањата на некои сојузни покраини, како Саксонија, која граничи и со Полска, која бара воведување привремена контрола на оваа шенген-граница.
Претседателот на полицискиот синдикат, Андреас Роскопф, смета дека бројот на илегални гранични премини, кој во последните денови изнесува меѓу 120 и 280 дневно, сѐ уште не го оправдува затворањето на границите.
Хеико Тегац од германскиот полициски синдикат, сепак, е на мислење дека треба да се воведат гранични контроли пред ситуацијата да излезе од контрола.
Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, го отфрли воведувањето гранични контроли и повика на зголемена соработка и помош на полските граничари во чувањето на полско-германската граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.