Европа
Германија стравува дека поранешни пилоти ѝ оддаваат тајни на Кина
Германија во минатото официјално спроведуваше програми за воена обука со Кина како дел од вообичаената практика за размена на техничко и тактичко искуство меѓу армиите. Освен тоа, не е невообичаено членовите на службата да одат во приватниот сектор по пензионирањето.
Деновиве, сепак, правилата повнимателно се разгледуваат за што сведочи и бурната реакција во Германија на извештајот што фрла светлина на инаку вообичаената практика. Имено, неколку пензионирани пилоти на германското воено воздухопловство отишле во Кина врз основа на профитабилни приватни договори за обука, пренесоа „Шпигел“ и јавниот радиодифузер ЗДФ.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, кој беше на безбедносен самит во Сингапур кога беше објавена сторијата, му рекол на својот кинески колега Ли Шангфу дека очекува „ваквата практика веднаш да биде прекината“.
Сè се случува во момент кога германската влада, по убедување од САД, ги разгледува економските и стратешките односи со Кина.
„Постои итна потреба да се заострат правилата за луѓето кои поради природата на својата работа за германската држава, имаат пристап до информации поврзани со безбедноста“, вели Маркус Фабер, пратеник и член на парламентарната Комисија за одбрана.
Самата работа не прекршува никаков закон, но правната сива зона ѝ дава одредени овластувања на германската влада да го запре таквиот трансфер на знаење.
Пензионираните војници и другите државни службеници во принцип смее да ја користат својата експертиза – освен за оддавање држабвни тајни – но подлежат на ретроактивни обврски на службата, што значи дека мора да пријават таков ангажман и се обврзани да ја чуваат доверливоста на податоците, вели портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Министерството потоа проверува дали има конфликт на интереси и може да не одобри вработување ако утврди дека постои таков конфликт.
Во конкретниот случај Министерството изразило загриженост дека кинеските пилоти не добиваат само основна обука за летање, туку и информации за тактиката и оперативните способности на НАТО, но не е јасно дали ова претставува прекршување на правилата за доверливост.
Јужноафриканската школа за летови (ТФАСА), која е спомната во извештајот, негира дека ја загрозува националната безбедност на која било земја и додаде дека сите аспекти на обуката и материјалите се добиени од јавно достапни извори на податоци или од самите клиенти.
Но, Кина има долга историја на успешно користење странско знаење за домашни потреби и ги презеде сите западни достигнувања во академската средина и истражувањата, индустријата, технологијата и интелектуалната сопственост, како и во одбраната.
„Работата со пензионирани западни пилоти ѝ овозможува на кинеската армија да ја усоврши својата доктрина, а тоа е во суштина кражба на тајните за воените вежби од западните земји“, рече Цу-Јун Су, научен соработник во тајванскиот Национален институт за истражување за одбрана и безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“, повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува Танјуг.
Полицијата во моментов спроведува истрага со проверка на робата во продавниците, поради што се уште не се знае конечната количина на дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.