Европа
Германската полиција изврши рации во врска со нападот во Берлин
Сојузната полиција во вторникот вечерта и ноќта кон средата извршила претреси во центри за прифаќање на бегалци и во домовите на двајца можни соучесници на 24-годишнот Тунижанец Анис Амри, осомничен дека со камион вечерта на 19-ти декември на божикниот базар во Берлин во терористички напад усмрти 12 луѓе, соопшти канцеларијата на државниот обвинител на Германија.
Во еден од прифатните центри иследниците трагале по 26-годишен државјанин на Тунис, за кој сметаат дека можело да биде поврзан со берлинскиот напаѓач.
„Според податоците на истрагата, тој се познавал со Анис Амри најдоцна од крајот на 2015 година и контактирал со него кусо до моментот на извршувањето на терористичкиот чин. Постои сомневање дека обвинетиот бил во тек со плановите за нападот и, веројатно, му помогнал на Анис Амри“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Покрај тоа, полицијата извршила рација и во берлинскиот стан на лице кое порано живеело заедно со Амри.
„Според достапните информации, сведокот исто така контактирал со Амри. Истражните дејствија беа во насока на појаснување на активностите на Амри пред и по извршувањето на терористичкиот напад“, се додава.
Меѓутоа, не е соопштено дали во текот на рациите се приведени и самите осомничени. Обвинителството најавува дека во текот на средата ќе даде изјава во врска со текот на истрага за терористичкиот напад во Берлин.
Вечерта на 19-ти декември во Берлин, со украден полски шлепер чиј возач го убил, Анис Амри влета во толпата на божикниот пазар, и притоа уби 12 луѓе и повреди уште 48. Во кабината од возилото беа пронајдени негови документи и отпечатоци од прсти. Одговорноста за нападот ја презема џихадистичката групација Исламска држава.
И покај масивната полициска операција, Амри успеал да пребега во Холандија, во Амстердам, а потоа со автобус непречено повеќе од 15 часа да патува до францускиот град Лион, од каде со воз допатувал во северниот италијански град Милано, каде на 23-ти декември утрото беше убиен во престрелка со полицијата која при рутинска контрола му побарала документи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.