Европа
Ердоган за договорот со Финска и Шведска: Го добив она што го барав
Турција ќе побара од Шведска и Финска да екстрадираат 33 члена на движењето ПКК и на Фето, кои ги смета за терористи, најави министерот за правда, Бекир Боздаг. Барањето доаѓа еден ден по потпишувањето на меморандумот меѓу трите земји, што го отвора патот за Хелсинки и Стокхолм кон членство во НАТО.
„Како дел од новиот договор, ќе побараме од Финска да екстрадира шест члена на ПКК и шест члена на Фето, а од Шведска да екстрадира десет члена на Фето и единаесет члена на ПКК“, рече турскиот министер.
Вчера, пред отворањето на самитот на НАТО во Мадрид, Ердоган се сретна со финскиот колега Саули Ниинисто и со шведската премиерка Магдалена Андерсон. Турција го блокира влезот на двете земји во НАТО обвинувајќи ги за засолниште на милитантите на двете движења. На крајот на средбата во Мадрид беше презентиран меморандум на три земји, со кој се отвора пат за проширување на алијансата.
„Турција го доби она што го сакаше“, соопшти кабинетот на турскиот претседател мислејќи на целосната соработка на државите во борбата против тероризмот.
Ердоган денеска ги објави 7-те точки од договорот потпишан со Шведска и Финска.
1. Финска и Шведска нема да обезбедат поддршка за ПКК и Фето, а Турција за возврат ќе обезбеди целосна поддршка на земјите во борбата против заканите врз нивната национална безбедност. Финска и Шведска се согласија најостро да го осудат тероризмот во сите негови форми и манифестации.
2. Финска и Шведска се обврзаа да потврдат дека ПКК е забранета терористичка организација и се обврзаа да ги спречат активностите на групата и сите други терористички субјекти, како и активностите на поединци во поврзани и групи или мрежи поврзани со тие терористи организации.
3. Финска истакна неколку неодамнешни амандмани на својот кривичен закон, кои го проширија опсегот на кривичните дела, од кои последниот стапи во сила на 1 јануари 2022 година. Шведска, од своја страна, потврди нов, построг закон за кривични дела на тероризмот и дека владата се подготвува дополнително да го заостри законодавството за борба против тероризмот.
4. Турција, Финска и Шведска потврдија дека меѓу нив повеќе не постои национално ембарго за оружје. Шведска ја менува својата национална регулаторна рамка за извоз на оружје во однос на сојузниците во НАТО.
5. Турција, Финска и Шведска се обврзаа на следните конкретни чекори: трите земји се согласија да воспостават заеднички, структуриран механизам за дијалог и соработка на сите нивоа на власта. Финска и Шведска ќе се борат против тероризмот одлучно и во согласност со одредбите на релевантните документи и политики на НАТО обврзувајќи се да ги преземат сите неопходни чекори за дополнително заострување на домашното законодавство за таа цел. Финска и Шведска навремено и темелно ќе ги решат барањата на Турција за депортација или екстрадиција на осомничени за тероризам.
6. За спроведување на овие чекори, Турција, Финска и Шведска ќе воспостават постојан заеднички механизам, со учество на експерти од министерствата за надворешни работи, внатрешни работи и правда, како и разузнавачки служби и безбедносни институции.
7. Турција исто така ја потврди својата долгогодишна поддршка за политиката на отворени врати на НАТО согласувајќи се да ја поддржи поканата на Финска и Шведска да станат членки на НАТО на самитот во Мадрид во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.