Европа
Италијаните масовно се разведуваат поради пандемијата од Ковид-19
Во споредба со 2019 година, оваа година има зголемување на разводите во Италија за дури 60 проценти и тоа двојно повеќе на север отколку на југ, покажуваат најновите истражувања. Пред коронавирусот, Италија имаше една од најниските стапки на разводи.
„За Италијанците, ова секако беше многу трауматично искуство. Ние веќе се соочивме со катастрофи за време на војните, но тие не почувствуваа значајни кризи од Втората светска војна. Тоа е земја со релативно добар стандард, каде хедонизмот навистина се негува. Сега, поради ситуацијата предизвикана од „Ковид-19“, сето тоа им беше ускратено“, вели Мирјана Милојевиќ, психотерапевтка.
Нивниот ден вели таа, започнува во бар, со колачиња (сладок појадок) и еспресо, и продолжува полека. „Но ова не беше случај минатата година, што е катастрофа за Италијанците. Покрај тоа, партнерите беа осудени или упатени исклучиво едни на други, и немаа начин да го поминат половина ден на работа како порано, половина со пријателите, а вечерта да останат со партнерот дома“, оценува Милојевиќ.
Постои и фактот дека во 40 проценти од случаите, разводите во Италија се започнати поради заклучувањето што го отежнува криењето на неверството и „двојниот живот“, во 30 проценти поради семејно насилство, додека останатите 30 проценти ги вклучуваат сите други причини.
„Кај Италијанците, бидејќи ова е католичка земја, разводите се поретки, но затоа очигледно неверствата не се. Особено сега, кога луѓето кои работат од дома, немаат можност да водат двоен живот“, наведува Милојевиќ.
„Кога станува збор за насилството, тоа секако е причина за разделување на две лица, но прашањето е во колкава мера ситуацијата со Ковид-19 произведе насилство. Веројатно имало луѓе кои никогаш не биле агресивни, но нивната одбрана попуштила во кризата затоа што не знаеле како да одговорат на сопствениот, како и на стравот на другата личност, така што имало семејно насилство“, напоменува таа.
Матео Сантини, адвокат, специјализиран за семејно право, исто така ги толкува податоците на Италијанската национална асоцијација за развод.
„Бевме преоптоварени од бројот на барања за разделба, главно поради принуден соживот. Едно е да се делат викенди и вечери со некого, а друго е да се помине цел ден со некого, со сите проблеми поврзани со пандемијата, како што се: стрес поради болест, губење на работа, тешко справување на децата со Интернет часови“, вели Сантини.
Според него факт е дека се повеќе Европејци се разведуваат во последниве години, но соочувањето со коронавирусот само го нагласи овој тренд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.