Европа
Италија повторно се тресе
Првиот посилен земјотрес во Италија во новата година со магнитуда од 4,1 според Рихтеровата сеизмичка скала е регистриран ноќта кон понеделникот во италијанскиот регион Перуџа, објави Националниот институт за геофизика и вулканологија (Ingvi).
Епицентарот на потресот се наоѓал северно од градот Сполето, на длабочина од 8 километри под површината на земјата. Нема информации за настрадани и оштетувања.
Оваа област во централна Италија од втората половина на изминатата 2016 година беше погоден од три силни земјотреса. Првиот со магнитуда од 6,0 беше регистриран на 24-ти август, кога загинаа 298 луѓе. Ноќта на 26-ти октомври истата област беше потресена од серија подземни удари, од кои најмоќниот беше со магнитуда 5,9. Утрото на 30-ти октомври сеизмолозите регистрираа удар со магнитуда 6,5 кој предизвика уривања во околу сто гратчиња и села во четири италијански региони: Марка, Умбрија, Лацио и Абруцо. Последниот беше најсилниот на Апенините по оној од ноември 1980 година во Кампања.
Сеизмичката активност на Апенинскиот полуостров не прекинува, досега почнувајќи од 24-ти август во Италија се регистрирани неколку илјади потреси, од кои 56 биле со магнитуда поголема од 4,0.
Италија е сеизмички една од најактивните области во светот, особено по должината на планинскиот венец, бидејќи со еден дел се наоѓа на евроазиската а со другиот на африканската тектонска плоча. На италијанските Апенини, кои се протегаат од Лигурија на северозападот па сé до Сицилија на југ, доминираат раседи во Земјината кора, а секој во просек е долг од 10 до 20 килоемтри. Научниците објаснуваат дека сегашната сеизмичка активност со еден вид „растегнување“ на Апенинскиот полуостров од исток кон запад, и укажуваат на тоа дека потресите со различна сила, најверојатно, ќе продолжат.
Според сеизмолозите, лани Италија доживеала нешто што потсетува на низата земјотреси во Клабрија на југот од Италија во 1783 година, кога се забележани пет големи земјотреси со магнитуди од 6,5 или поголеми во два месеца.
Во околината на Асиси, во централна Италија, во 1997 година се случиле три земјотреса. Првиот бил со магнитуда од 6,4 по Рихтер, и во него имало 11 загинати. Следните денови се случил уште еден, а третиот дваесетина дена подоцна. Во меѓувреме во истиот крај се регистрирани многубројни помали потреси.
Според процените, последователните треперења на почвата по земјотресот ќе ги има „барем уште неколку седмици“, но не е возможно да се знае дали во текот на тој период ќе има уште силни потреси./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.