Европа
Качински: Полска е единствената држава во ЕУ која и се спротивставува на Германија
Лидерот на владејачката полска партија „Право и правда“, Јарослав Качински, ја обвинил германската канцеларка Ангела Меркел дека ја сноси вината за Brexit и додал дека Полска е единствената држава во ЕУ која има храброст да и се спротивстави на Германија, пренесуваат светските агенции.
„Германците увидоа дека мораат да се движат напред, да ги интернационализираат долговите, да земат врз себе дополнителен товар. Без тоа може да падне целата ЕУ, а особено Еврозната, што не би било добро за Германија бидејќи има корист од еврото. Подобро да се плати отколку да се ризикува и се да се сруши. Особено поради тоа што веќе се случија доста работи. А Brexit, тоа е заслуга на Ангела Меркел“, рекол Качински.
Шефот на „Право и правда“, од кого зависат важните чекори на владата и шефот на државата иако тој лично е само пратеник, изјавил дека ЕУ на чело на Европскиот совет, и покрај отпорот на осамената Полска го избра Доналд Туск за уште две ипол години, само поради тоа што Германија преку него сака да наметна промена на ЕУ во „Европа во две брзини“.
„Бидејќи падна одлука да биде срушен нашиот отпор, тоа треба да се сфати како промена на концептот на германската политика, јасно изразена во декларацијата од Версај. Меркел, рачунајќи на Туск мора да биде сигурна дека тој ќе поддржи „Европа во две брзини““, рекол Качински.
По големиот дипломатски пораз на Полска на самитот минатата недела во Брисел, бидејќи Варшава беше осамена против преостанатите 27 членки а за Туск гласаа и нејзините најблиску сојузници Чешка, Словачка и Унгарија, кои и се лути на Полска бидејќи поради домашната политика го минира заедничкиот кандидат на Вишеградската група, анкетите покажале голем пад на поддршката на владејачките конзервативци од 36 на 29 проценти.
„Не се сомневаме дека ќе има пад на поддршката во анкетите. Тоа е цената кои свесно ја пресметавме во трошоците. Цената која можеби треба да се плати за Полска да не биде топка која ќе шутираат другите“, рекол Качински, нагласувајќи дека неуспешниот обид да се спречи реизборот на Туск е „капитал за иднината на Полска“.
„Држава која умее да им се спротивстави на сите, меѓу кои и Германија по доста важни прашања, тоа е држава од висок ранг, и тоа доста висок ранг. Можеби никој друг во Европа не би смеел да се осуди да направи нешто слично“, порачал Качински./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.