Европа
Ламар Шели: „Скршена сум што не успеавме да ве спасиме, почивајте во мир, ангели“
„Скршена сум што не успеавме да ве спасиме. Се надевам дека вашето семејство ќе остане силно и засекогаш ќе останете во нашите срца! Почивајте во мир, мали ангели“, напиша во пораката Ламар Шели, диспечерката на итната медицинска служба, и остави букет цвеќиња пред куќата во Статфорд Лејн, предградие на градот Хеднешворд во Велика Британија, кој во вторникот го погоди ужасна трагедија.
Четири браќа и сестри Кеган(6), Тили (4),Оли (3) и нивниот постар брат Рајли Холт (8) останаа заробени во пламенот што ја зафати куќата, додека родителите Натали (24) и Крис Молтон Унит (28) скокнаа од прозорецот со двегодишниот Џек во рацете. Родителите и малото момче немаат потешки повреди, но целосно се скршени.
Пожарот избувна во вторникот околу 14:40 часот, а истрагата за причините може да потрае неколку дена, велат истражувачите. Соседите велат дека на пожарот му претходела експлозија (се претпоставува дека експлодирал бојлер), а потоа се слушнал страшен крик на децата кои останале заробени во огнот. Набргу потоа, на вратата на најблиските соседи се појавила мајката, викајќи: „Моите деца, моите деца се заробени во куќата, помагајте“, но, за жал, тие не беа спасени.
По ужасната трагедија, сограѓаните се собираа околу куќата и оставаа кадифени играчки, цвеќиња и свеќи во близина на местото на несреќата во спомен на мртвите. Многумина од нив дојдоа да донираат храна и облека, мебел, постелнина и други работи што ќе им бидат потребни на родителите за да продолжат со животот. Пораката со која Ламар Шели се прости од децата, длабоко ги трогна сите.
„Јас не ве знам лично, но помогнав да се соберат тимови кои се обидоа да ве спасат и се чувствувам поразено затоа што не успеавме”, напиша Ламар Шели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.