Европа
Лукашенко: Западот врши притисок, но Белорусија никогаш нема да биде како Украина
Западот врши притисок врз Белорусија да ја претвори во друга Украина, но тоа нема да се случи, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Тој на прес-конференцијата на тема социо-економски развој на земјата нагласи дека целта на Западот нема да се постигне и дека Белорусија никогаш нема да биде како Украина, пренесуваат агенциите.
„Тие бараат Белорусија да стане уште една Украина, која ја опишуваат како демократска и развиена земја. Пред два дена им беше даден јасен одговор. Ние никогаш нема да станеме како Украина, бидејќи ние сме Белоруси и имаме своја визија за нашите перспективи“, рече Лукашенко.
Тој истакна дека е сигурен дека никој од присутните на конференцијата, ниту некој од обичните граѓани кои сакаат нормален живот за себе и за своите деца, не би сакале Белорусија да стане уште една Украина.
Претседателот на Белорусија привлече внимание на фактот дека Белорусија е во самиот центар на глобалниот конфликт меѓу Западот и Русија и дека каналите за разговори сè уште функционираат.
„Немојте да мислите дека само се караме, дека нема контакти, дека ништо не гледаме, дека ништо не ни кажуваат и дека не одговараме. Имаме канали кои ги користиме за комуникација“, рече Лукашенко.
Тој потсети дека Западот колективно се обидел да ја дестабилизира ситуацијата во Белорусија минатата година, за време на претседателските избори во таа земја.
„Нивните очекувања по распадот на Советскиот Сојуз и нивниот сон требаше да се остварат во август минатата година. Тие би создале санитарен кордон и блок со граници во близина на Смоленск. Не успеаја“, истакна Лукашенко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.