Европа
Меркел испраќа помирливи сигнали кон Вашингтон
Откако стапи во петокот на должноста новиот американски претседател Доналд Трамп, германската канцеларка Ангела Меркел во саботата повика на соработка заснована на правилата и заедничките вредности.
„Тој (американскиот претседател Доналд Трамп) јасно ги претстави своите убедувања во својот инаугурален говор“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по затворениот за јавноста состанок на претседателството на нејзината Хистијанско-демократска унија (CDU) во манастирот Шоентал на југот од Германија ден откако Трамп порача дека ќе ја стави „Америка на прво место“.
„Јас цврсто верувам во тоа дека за нас е најдобро доколку дејствуваме на основа на договорени правила, заедничките вредности и заедничките акции во меѓународниот економски систем, во меѓународниот трговски систем, како и да придонесеме кон воените сојузи“, истакна Меркел.
Односите со САД, најголемиот трговски партнер на Германија, најверојатно ќе бидат важна тема во предизборната кампања следните месеци за германските парламентарни избори во септември годинава.
Трамп остро ја критикуваше политиката на Меркел за отворени граници за барателите на азил како „катастрофална, и во интервјуто за германски Bild и британски The Times претходно седмицава додаде дека верува оти и други земји ќе ја напуштат Европската унија, откако ланскиот јуни таква одлука донесоа избирачите во Велика Британија, а ги вознемири европските престолнини и со своето милење дека НАТО сојузот е застарен.
„Трансатлантските односи следните години нема да бидат помалку важни отколку што беа во минатото и на тоа сесрдно ќе работам. И покрај тоа што постојат различни мислења, до компромис најлесно се доаѓа кога се разменуваат мислења во атмосфера на толеранција“, изјави Меркел додавајќи дека Германија во рамите на своето претседавање со групата Г20 ќе стори сé што е неопходно за тоа да се оствари.
Конзервативната германска канцеларка којашто ќе се обиде да го добие четвртиот мандат во септември и стана неочекувано многу блиска со сега поранешниот американски претседател Барак Обама и покрај скандалот со нејзиното децениско прислушување од страна на американското разузнавање за кое овој најмалку неколку години знаел, од страна на либералите на преку Аталнтикот е перципирана како сила која ќе им се спротистави на сé попопуларните десни партии во Европската унија.
Претходно седмицава германските медиуми повикувајќи се на сигурни извори во тамошната влада, пишуваа дека Меркел настојува уште оваа пролет да се сретне со Трамп.
Критикувани од Трамп дека не ја постигнуваат целта на НАТО за издвојување и трошење на најмалку 2 отсто од бруто националниот производ за одбраната, челниците во Берлин седмицава рекоа дека ќе ја постигнат таа цел.
Најавите и заканите на Трамп дека ќе воведе проткционистички трговски мери предизвикуваат загриженоста во Германија, водечката земја извозник која речиси половина од бруто домашниот производ го остварува од извоз. Трамп предупреди дека ќе воведе царина од 35 отсто на автомобилите кои германскиот концерн BMW планира да ги произведува во новата фабрика во Мексико и да ги извезува во САД користејќи го договорот меѓу овие две земји за неоцаринување./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.