Европа
Од крајот на пандемијата Велика Британија ја делат само неколку месеци, сметаат епидемиолозите
Велика Британија е можеби само на неколку месеци до крајот на пандемијата, бидејќи вакцините драстично го намалија ризикот од хоспитализација и смрт, изјави денеска епидемиологот Нил Фергусон од Универзитетот за јавно истражување „Империјал колеџ“.
Премиерот Борис Џонсон верува дека една од најголемите економии во Европа може да се рестартира со полн капацитет поради вакцинирањето на многубројното население, а неговата одлука претставува ново поглавје во глобалниот одговор на коронавирусот.
Бројот на нови инфекции на дневна основа паѓа шести ден по ред, иако Џонсон постојано истакнува дека пандемијата сè уште не е завршена.
„Сè уште не сме надвор од опасност, но равенката радикално се промени“, рече Фергусон.
Според него, вакцинацијата значително ги намали ризиците од болничко лекување и смрт.
„Верувам и сум оптимист дека кон крајот на септември, во октомври, најдолгиот период на пандемија ќе биде зад нас“, рече епидемиологот од Кралскиот колеџ.
Премиерот Џонсон на 19 јули ги укина речиси сите ограничувања од пандемијата на коронавирусот во Англија за да го забрза закрепнувањето на економијата, и тој ден беше наречен „Ден на слободата“.
Доколку неговата одлука се покаже добра, тоа би бил излез од пандемијата, но новата стратегија носи и ризици – може да се појави варијанта отпорна на вакцини и бројот на заболени да го преоптовари здравствениот систем.
Фергусон повторува дека Ковид-19 ќе биде присутен во Велика Британија до октомври и дека ризикот од смрт кај заболените ќе продолжи да постои.
„Но, најголемиот дел од пандемијата ќе биде зад нас“, рече тој.
Велика Британија е на седмото место во светот според смртни случаи од коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.