Европа
ОН повика на итен прекин на огнот во Донбас, Киев и Москва се обвинуваат меѓусебно
Во Обединетите нации се загрижени од заострувањето на ситуацијата на истокот од Украина, изјави во вторникот вечерта портпаролот на светската организација, Фархан Хак, додека Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за зголемувањето на судирите последните денови што предизвика најголем број жртви во последните неколку седмици и прекин на снабдувањето со електрична енергија и вода за населението во близина на линијата на разграничувањето на украинските и силите на рускојазичните одметнати региони.
Украинската армија и властите во рускојазичните самопрогласени ткн „народни републики“ во Донецк и Луганск меѓусебно се обвинуваат за почнување офанзива во индустрискиот град Авдеевка, кој е под контрола на силите лојални на Киев и за отворање оган од тешка артилерија со што се кршат договорите од Минск.
Градот Авдеевка или на украински Авдиивка, на 6 километри северно од Донецк, има околу 35 илјади жители, од кои 63 отсто се изјаснуваат како Украинци а 33 отсто како Руси, но големо мнозинство од 87 отсто го наведува рускиот како мајчин јазик, според пописот од 2001 година. Градот претставува важна железничка станица во регионот на Донбас.
„Длабоко сме загрижени за ескалацијата на конфликтот во регионот Донецк – Јасиноватаја – Авдеевка, на истокот од Украина, коишто, според информациите, доведоа до жртви“, изјави портпаролот на ОН, Фархан Хак за агенцијата РИА.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН истакнал дека „зголемувањето на насилствата е директно кршење на договорите од Минск“. „Ги повикуваме сите страни да ги сопрат судирите“, порачал Хак.
Подоцна во вторникот по њујоршко време Советот за безбедност на ОН зад затворени врати ќе дискутира за ситуацијата во Донбас, соопштија од светската организација.
Осум украински војници загинале а 26 се ранети откако судирите се интензивирале во неделата, и тоа се најголемите загуби коишто украинската војска ги претрпела од средината на декември, според податоците на владата во Киев.
„Моменталната ескалација во Донбас е јасен показател дека Русија не ги почитува своите обврски од договорот од Минск и ја спречува стабилизацијата на ситуацијата“, велат од украинското министерство за надворешни работи, пренесе Reuters.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пак, возврати дека Русија „поседува уверливи докази дека нападот крај Авдеевка го започнале украинските ’самостојни единици’, а украинската војска ги поддржала“.
Според договорот за примирјето договорен во белоруската престолнина Минск во февруари 2015 година, за кој гаранти се Украина, Русија, Франција и Германија, тешкото вооружување треба да е повлечено на стотина километри од линијата на раздвојувањето. Но меѓународните набљудувачи редовно известуваат за кршење на прекинот на огнот од двете страни, вклучително и оган од топови и минофрлачи.
Според податоците на ОН, најмалку десет илјади луѓе загинале во борбите од почетокот на граѓанската војна во февруари 2014 година, по протестите и превратот во Киев кога власта ја преземаа прозападно ориентираните сили./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.