Европа
Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 24-ти септември
Германската влада го предложи во средата 24-ти септември како датум за одржување на годинешните редовни парламентарни избори.
„При носењето на улогата, сојузната влада се водеше од желбите на сојузните покраини и пратеничките групи во Бундестагот. Улогата во одредување на термините одиграа и термините на летните празници во сојузните покраини“, соопштено е во средата по редовниот состанок на кабинетот на министри во Берлин.
Конечната одлука за датумот за одржувањето на изборите за 19-от состав на Бундестагот, ја носи претседателот на Германија, но тој по правило само ги потврдува датумот кој треба да му го предложи владата.
Единствената сојузна покраина којашто имале забелешки околу 24-ти септември како датум за одржување на изборите била сојузната покраина – град Берлин, бидејќи тој ден во германската престолнина се одржува традиционалниот маратон и целиот центар на градот е блокиран за сообраќај, а и хотелите во градот се пополнети една година однапред, па се стравува дека тоа би можело негативно да влијае на работата на оние кои би сакале да ги следат изборите.
Според германскиот устав, сојузните избори мора да се одржат најрано 46 и најдоцна 48 месеци од почетокот на изборниот период. Пренесено на актуелниот изборен период, тоа значи дека изборите мора да се одржат меѓу 22-ри август и 22-ри октомври 2017 година.
Откако во декември својата кандидатура за функцијата канцелар ја потврди актуелната претседателка на германската влада Ангела Меркел, во средата и претставниците на партијата Зелени, Катрин Геринг-Екхардт и Чем Ездемир најавија дека ќе се кандидираат од нивната партија/
Социјалдемократската партија на Германија (SPD) официјално својот кандидат ќе го објави кон крајот на јануари, а се смета дека таа улога ќе му припадне на претседателот на партијата и актуелен вицеканцелар Зигмар Габриел.
Според последните испитувања на јавното мнение, објавено во вторникот на 17-ти јануари од институтот Insa, владејачката демохристијанска Унија CDU./CSU би освоила 33 отсто од гласовите, пред SPD со 21 отсто, Алтернатива за Германија (AfD) – 13, Левица – 11 отсто, Зелените – 8,5 отсто и Либералите – 7 отсто од гласовите./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.