Европа
Повеќе од 300 здравствени работници во Италија ја прекршиле обврската за вакцинација
Италијанската полиција, по низа контроли низ земјата, откри повеќе од 300 вработени во здравствениот сектор кои ја прекршиле обврската за вакцинација против коронавирус, јавуваат агенциите.
Полицијата до јавното обвинителство ги проследила имињата на 135 лекари, фармацевти и друг персонал во болницата, вклучително и медицински сестри.
Полицијата затвори и шест амбуланти и две аптеки во кои вработените продолжија да работат иако претходно им беше изречена забрана за работа. Увиди се вршени од ноември, а оттогаш полицијата истражила околу 6.600 институции и други локации, пренесуваат тамошните медиуми.
Италијанската влада уште во април воведе задолжителна вакцина за здравствените работници, а во ноември ја продолжи обврската на административниот персонал во здравствените установи. Почнувајќи од 15 декември, за медицинскиот персонал потребна е и трета, засилена доза од вакцината против коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Евакуиран хотел во Рим поради отровни испарувања од базенот: пет лица отруени, затворени и околните улици
Најмалку пет лица се повредени во хотел во центарот на Рим, кога дошло до испуштање на штетни испарувања од базенот. Наредена е итна евакуација на сите присутни гости и вработени.
Според италијанските медиуми, повредените се во болница, а едно лице е во многу тешка состојба.
Повредени се вработените во хотелот, а најмалку 35 лица се евакуирани.
Во моментот кога алармот се вклучил, во хотелот имало само неколку туристи кои биле на појадок.
Отровни испарувања „доаѓале“ од бањата и велнес центарот на долниот кат од хотелот, а се сомневаат дека се од базенот.
Полицијата го обезбедувала и просторот во непосредна близина на хотелот, а поради отровните испарувања биле затворени околните улици.
Европа
Два питбула убија 13-месечно дете, трагедија во Италија
Утрово, во Италија, во провинцијата Салерно, два питбула го нападнале тринаесетмесечното момче Франческо Пио Д’Амара и го убиле. Кучињата го нападнале во дворот на селската куќа. Мајка му и вујко му се обиделе да го спасат, но кучињата ги повредиле и нив. Според првите информации на полицијата, која на местото на несреќата пристигнала со возило на брзата помош, сопствениците на кучињата биле познајници на мајката. Кучињата биле пуштени на слобода во дворот на семејната куќа, а тие го нападнале детето бидејќи го гледале или како играчка или како закана.
Паола, мајката на детето, по несогласувањата со сопругот, се преселила во Камполонго, каде што изнајмила дел од селската куќа во која живеела сама со синот. Питбулите им припаѓале на сопствениците на куќата, кои живееле во друг дел од двокатната зграда, пишува „Салерно кориере“.
Според соседите, кучињата досега не покажале знаци на агресија. Градоначалникот на Еболи, Марио Конте, изјави дека администрацијата ќе ги сноси трошоците за погребот на детето. Во Италија не постои список на потенцијално опасни кучиња. Во 2006 година Министерството за здравство донесе правилник во кој беше вклучен список на раси што се сметаат за опасни, но оваа одредба подоцна беше укината.
Европа
Европа се загрева најбргу: објавен алармантен извештај
Заедничкиот извештај објавен од „Коперник“ (Службата за следење на климатските промени на ЕУ) и Светската метеоролошка организација (СМО) откри загрижувачки нови податоци. Имено, Европејците преку ден страдаат од невидена топлина, а навечер се под стрес поради непријатните горештини.
Европа е континентот што најбргу се загрева, предупредуваат експертите, затоплување со стапка далеку над глобалниот просек.
Стапката на смртност од топлина е зголемена 30 % во последните две децении во Европа. Економските загуби поврзани со временските услови и климата се проценуваат на 13,4 милијарди евра, според извештајот, како што објави „Гардијан“.
Според извештајот, температурите во Европа биле над просекот 11 месеци минатата година вклучувајќи го и најтоплиот септември од почетокот на евиденцијата. Поради жештините и сушата, имаше големи пожари, кои ги опустошија селата и ги задушија жителите на градовите.
Пожарите беа најинтензивни во јужноевропските земји, како Португалија, Шпанија и Италија. Грција беше погодена од најголемиот шумски пожар во ЕУ, изгореа 96.000 хектари шума, се вели во извештајот.
Од друга страна, обилните дождови предизвикаа смртоносни поплави. Во 2023 година Европа беше околу 7 % повлажна од просекот во последните три децении. „Минатата година Европа беше погодена од најголемиот шумски пожар. Во исто време бевме сведоци на една од највлажните години, силни морски топлотни бранови и разорни поплави“, изјави Карло Буонтемпо, директор на „Коперник“.
Континентот ја доживеа најтоплата година досега. Северозападна Европа го доживеа најтоплиот јуни досега, а поголемиот дел од Европа беше погоден од топлотни бранови за време на продолженото лето од јуни до септември.
На врвот на топлотниот бран во јули, 41 отсто од јужна Европа беше погодена од силен до екстремен топлотен стрес, што ги влошува постојните здравствени состојби и може да го зголеми ризикот од болести.
На Пиринејскиот Полуостров и во Источна Европа имаше суша. Бројот на денови со снежни врнежи беше под просекот, се вели во извештајот, а недостигот на зимски снег во комбинација со летните топлотни бранови значеше дека глечерите на Алпите исклучително се топат. Во последните две години алпските глечери изгубија околу 10 % од преостанатиот волумен.
Сè уште не е сосема јасно како глобалното затоплување предизвикува сè повеќе и повеќе обилни врнежи. Потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, што овозможува поекстремни бури. Но, од друга страна, поради сложеноста на климатските промени, врнежите не мора секогаш да се случуваат. Постои многу посилна врска помеѓу глобалното затоплување и топлотните бранови.
Извештајот не дава податоци за минатата година за бројот на смртни случаи поврзани со топлина, но се знае дека имало 70.000 дополнителни смртни случаи поврзани со топлина во 2022 година. „Бројот на смртни случаи поврзани со топлина веројатно ќе биде поголем во 2023 година“, рече климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ во Лондон.