Европа
Русија: Ангарскиот манијак обвинет за уште 60 убиства
Серискиот убиец, поранешен полицаец осуден на доживотен затвор поради убиство на 22 жени од местото од областа Иркутск во источен Сибир, е обвинет за уште 60 убиства, пренесуваат во понеделникот агенциите, повикувајќи се на соопштението на Истражниот комитет на Русија.
Во јануари 2015 година поранешниот полицаец Михаил Попков беше осуден на доживотна затворска казна поради убиството на 22 локални жителки и нанесување тешки телесни повреди на уште две жртви при обид за убиство. Злосторствата биле извршени во периодот меѓу 1994 и 2000 година, а телата на жените во местото Ангарск кои исчезнувале ноќе, подоцна биле пронаоѓани во различни делови на Иркутската област. Осомничениот бил идентификуван дури во 2012 година.
На почетокот од јануари годинава тој призна уште 59 убиства, но истрагата продолжува во рамките на нова кривична постапка. Според Истражниот комитет, Попков во текот на 20 години на територијата на Иркутската област извршил најмалку 84 убиства. Возраста на убиените жени се движи меѓу 16 и 40 години.
Во рамките на истрагата за овие мистериозни масовни убиства властите од неколку области во кои биле наоѓани телата со траги од насилна смрт разговарале, проверувале и тестирале повеќе од 30 илјади луѓе.
Во неколку случаи на местата на коишто биле најдени телата, биле откриени траги од гуми на возило од типот „нива“, па истрагата ги проверувала сите сопственици на вакво возило во регионот. Така всушност и било влезено во трагата на убиецот, кој во 1998 година дал отказ од службата во полицијата. Кај него биле нашла и орудијата со кои ги извршувал ѕверствата, како одвртувачи, ножеви и метални прачки.
Потоа било откриено дека осудениот може да е одговорен за уште најмалку 20 случаи на нерасветлени убиства. Според државното обвинителство, полицаецот манијак, како што го нарекуваат некои руски медиум, за тоа му зборувал на друг затвореник со кој бил во иста ќелија.
Првично Попков, кога во 2012 година бил уапсен во Владивосток признавал само три убиства, но иследниците успеале да дојдат до докази и за другите негови злосторства. По изрекувањето на пресудата, мажот признал и други убиства.
Според обвинителството, во текот на истрагата биле сослушани неколку стотици сведоци и извршени повеќе од 200 експертизи. Експертите од Истражувачкиот центар за социјална и судска психијатрија утврдиле дека во времето на извршувањето на свирепите злосторства Попков бил свесен за своите постапки и можел да ги контролира.
Обемот на овој кривичен случај е составен на повеќе од 300 томови акти. Обвинителството соопшти дека наскоро со новите материјали ќе биде запознае обвинетиот и неговата одбрана, а потоа делото ќе биде предадено на судот.
Така, пишуваат медиумите, Попков дал признание за вкупно 81 убиство. За споредба, осудениот во 1994 година масовен убиец во Русија, Андреј Чикатило, извршил 53 докажани убиства./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.