Европа
Фијон бара поостра политика кон САД и Кина, предупредува на опасност од изолација на Русија
Еден од фаворитите за нов претседател на Франција на пролетните избори, конзервативецот Франсоа Фијон, во понеделникот во Берлин се заложи за поостар однос кон новото политичко водство на САД, како и кон Кина, но предупреди од изолацијата на Русија.
„Ние мораме да се одбраниме со иста мерка. Трговијата е новото бојно поле на глобализмот“, изјави Франсоа Фијон на предавањето во Берлин во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“, блиска на германските демохристијани.
Посочи дека острите парични казни коишто им беа одредени на француските и германските банки во САД се дел од таквиот план.
„Стотици европски фирми секој момент во САД може да се најдат под санкции. Зошто и ние Европејците не да истапиме со иста острина“, забележа Фијон.
Поранешниот француски конзервативен премиер истовремено побара и сличен однос кон Кина. „САД и Кина се движат кон трговска војна и Европа не смее да седи со скрстени раце“, рече Фијон,
Наспроти тоа, Фијон во однос на Русија посакува подобри односи од оние кои се во моментов и укажа на опасноста од тенденцијата Русија меѓународно да биде изолирана, што беше стратегија на администрацијата на до неодамнешниот американски претседател Барак Обама. „Сакам отворен однос со Кремљ, полн со меѓусебна доверба“, рече.
Кандидатот на француската конзервативна партија Републиканци за шеф на државата ја критикуваше и имигрантската политика на германската канцеларка Ангела Меркел и побара затворање на надворешните граници на Европската унија.
„Морам да кажам дека имаме поинакво мислење од нашите германски пријатели“, потврди Фијон.
На Европскиот форум на фондацијата „Конрад Аденауер“, Фијон се заложи за јакнење на француско-германските односи и повеќе единство во рамките на Европската унија што е предуслов за „одбрана на европскиот проект“.
„Ние мораме да се обединиме или ќе исчезнеме“, проценува Фијон и побара и 19-те земји членки на еврозоната во рок од пет години да воведат единствен корпоративен данок.
Фијон во Германија престојува на пови на Христијанско-демократската унија (CDU), а во понеделникот претпладнето разговараше со челничката на партијата и канцеларката Ангела Меркел, но поединостите од оваа средба не се достапни за јавноста.
Според истражувањето на јавното мнение во Франција, Фијон има најмногу шанси за победа на претседателските избори од кои првиот круг ќе се одржи на крајот од април./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.