Европа
Франсоа Фијон успеа да ѝ ја наметне својата кандидатура на десницата
Политичкиот комитет на најголемата опозициска партија, конзервативната Републиканци, едногласно во понеделникот ја потврди поддршката за кандидатурата на победникот на партиските предизбори ланскиот ноември, поранешниот премиер Франсоа Фијон, и покрај партиските повици да се повлече откако претходно фаворитот за пролетните претседателски избори почна да заостанува во анкетите по избивањето на аферата со наводните лажни вработувања на неговото семејство, за што најверојатно ќе се појави пред суд.
„Франсоа Фијон потврди дека има намера да се кандидира, политичкиот комитет по широката размена на мислењата едногласно ја обнови поддршката за него“, изјави претседателот на францускиот Сенат (горниот дом на парламентот), Жерар Ларше.
Според него, Фијон ќе излезе со голем број иницијативи во насока на обединување на десницата и центарот, а главниот орган на партијата од своја страна, исто така, ја преземала обврската да направи сé што е неопходно.
„Републиканците се целосно решителни и обединети околу Франсоа Фијон“, заклучи Ларше, по седницата на која требаше да се оцени ситуацијата на изборната кампања која судската закана ја парализираше со опасност од подигнување обвинение против кандидатот.
Така по неколкуте обиди да се повлече од кампањата, во позла на исто така поранешниот премиер Ален Жипе кого уверливо го порази на предизборите и оцените дека неговата одбрана којашто се темели на тврдења за заговор и политички атентат само довела до ќорсокак, Фијон, сепак, ги убеди своите сопартијци дека нема друг избор освен неговата кандидатура..
Фијон, кој во саботата наполни 63 години, пак, ги повика „сите мажи и жени со добра волја да се обединат“ околу него.
„Загубивме премногу време во празни дебати, оставајќи простор на крајната десница и на кандидатите од левицата задоволно да ги тријат рацете гледајќи ја нашата разединетост“, се вели во писмената изјава на Фијон, алудирјаќи меѓу другото и на тоа што претходно 260 парпаментарци ја откажа поддршката за него.
Според последните анкети, Фијон кој по првата седмица од скандалот ја врати предноста на втората позиција, би можел да испадне во првиот круг на 23-ти април, а во вториот круг на 7-ми мај да влезат кандидатката на крајната десница Марин Лепен и независниот кандидат на центристите и на левицата, премиерот Емануел Макрон кој за кандидатурата си поднесе оставка од владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд.
До последните мигови, блиските соработници на поранешниот претседател Николас Саркози, во чијашто влада беше премиер, се обидува на сите начини да го убедат Франсоа Фијон „да ја преземе одговорноста и самиот да го избере наследникот“ во претседателската трка.
Меѓутоа, сите напори и притисоци останаа попусти. Охрабрен од големиот народен собир во неделата крај Ајфеловата кула во Париз, на кој по многу лошо време и силен дожд според процените на медиумите се собрале повеќе десетици негови приврзаници, Фијон пред челниците на партијата повторил дека неговата кандидатура е „единствено легитимна“.
„Досега никогаш во Петтата Република претседателските избори не биле толку комплицирани, со левицата која го загуби компасот, крајната десница којашто го јакне антиевропскиот фанатизам и сé поголемата популарност на Емануел Макрон, и покрај неговата политичка незрелост и слабостите во неговата програма“, анализираше во понеделникот поранешниот премиер и шеф на дипломатијата Ален Жипе, кој во ноември 2016 година беше поразен од Фијон на предизборите на кои гласаа приврзаниците на десницата и конзервативците.
Претседателот на заминување, социјалистот Франсоа Оланд, кој има историски најнизок процент на доверба, во понеделникот го прекина молкот и предупреди на „заканата“ од победа на Марин Лепен.
„Моја ултимативна должност е да се осигури Франција да не добие таква програма и Франција да не носи таква тешка одговорност“, рече Оланд во симултаното интервју за повеќе европски дневни весници, сметајќи дека победата на Марин Лепен претставува ризик.
„Мораме да излеземе од таа стратегија на сеење страв“, возврати кусо Лепен./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.