Европа
Франција затвора уште седум џамии и здруженија за промовирање радикален исламизам
Франција ќе затвори уште седум џамии и здруженија осомничени дека промовираат радикален исламизам до крајот на оваа година, објави министерот за внатрешни работи на земјата, Жералд Дарманин.
Дарманин ја поздрави одлуката за затворање на џамијата во градот Алон на шест месеци под обвинение за одбрана од радикалниот ислам, објавија агенциите.
Францускиот министер рече дека е запленета и банкарската сметка на управителот на џамијата додавајќи дека 13 здруженија се затворени во земјата откако претседателот Емануел Макрон ја презеде функцијата.
Истакнувајќи дека 92 од 2.500 џамии во земјата се затворени како резултат на инспекциите, Дарманин рече дека од септември 2020 година на 36.000 странци им се одземени дозволите за престој бидејќи тие лица го загрозуваат јавниот ред.
Уставниот совет на Франција во август оваа година го одобри контроверзниот закон за антисепаратизам, кој беше критикуван за маргинализирање на муслиманите.
Законот беше усвоен од Националното собрание во јули и покрај силното противење на пратениците од десницата и левицата.
Владата тврди дека законот има цел да го зајакне секуларниот систем на Франција, но критичарите велат дека тој ја ограничува верската слобода и ги маргинализира муслиманите.
Законот им дозволува на службениците да интервенираат во џамиите и здруженијата одговорни за нивната администрација, како и да ги контролираат финансиите на муслиманските здруженија и невладините организации.
Според законот, на пациентите им е забрането да избираат лекар врз основа на пол од верски или други причини, а секуларното образование стана задолжително за сите државни службеници.
Франција беше критикувана од меѓународни и невладини организации, особено од Обединетите нации, за маргинализирање на муслиманите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.