Европа
Ќе се истражуваат мотивите за нападот на аеродромот Орли
Напаѓачот кој во саботата беше убиен на парискиот аеродром Орли се обидел да одземе јуришна пушка од војничка „во извонредно насилен напад“ на неа пред да биде застрелан, изјави портпаролот на француската армија, а според некои сознанија напаѓачот е осомничен дека извел уште еден напад претходно во северниот дел од француската престолнина, во кој е ранет полицаец.
Беноа Брулон, портпаролот на француските антитерористички сили, изјавил дека војничката е во добра состојбa, наведува Reuters.
Во разговорот за телевизијата BFM TV открива дека споменатата припадничка на воздухопловните сили паднала на подот додека се борела со својот напаѓач. „Тогаш нејзините колеги отвориле оган за да ги заштитат неа и нејзините колеги“, додаде Брулон.
Портпаролот на министерството за внатрешни работи во одвоена изјава рече дека е „можно“, но дека сé уште треба да биде утврдено дали станува збор за терористички напад. „Постои можност за терористички мотив, но тоа е нешто што ќе утврди правосудниот систем, и тоа ќе биде сторено во следните часови“, изјави портпаролот Брандет.
Министерот за внатрешни работи на Франција, Бруно Ла Ру, претходно ја потврди информацијата дека за пукањето врз полицијата на северот од главниот град Париз претходно во саботата е осомничено истото лице убиено при нападот на Орли кој нападна војничката ангажирана на обезбедувањето на аеродромот во рамките на операцијата „Sentinelle“.
Претходно беше објавено дека на северот од Париз бил отворен оган врз тројца полицајци, и притоа напаѓачот раниле ден од нив и успеал да побегне. По пукањето врз полицајците, осомничениот земал автомобил, кој подоцна е пронајден на паркингот на аеродромот Орли. Во автомобилот биле пронајдени маица со дамки од крв и документи на напаѓачот.
Според изјавата на Ла Ру за BMF TV, „можна е поврзаност“ меѓу двата инцидента. Додаде дека ранетиот при рутинската проверка на документите полицаец е хоспитализиран.
Радиото France Info, повикувајќи се на безбедносен извор близок на истрагата, јави дека напаѓачот е 39-годишен парижанец, без да даде други поединости.
Полицијата ги приведе братот и таткото на напаѓачот, објавија судски извори, истакнувајќи дека тоа е рутинска постапка во такви ситуации.
Западниот терминал на аеродромот Орли, каде што сообраќајот беше прекинат поради нападот, беше повторно отворен околу пладнето во саботата,а јужниот терминал каде се случи нападот е делумно затворен во продолжетокот од денот, соопшти аеродромската управа за агенцијата AFP./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.