Европа
Во Брисел продолжено највисокото ниво на тревога, училиштата и метрото ќе работат од среда

Белгиските власти одлучија во понеделникот да го задржат и натаму највисокото ниво на опасност од можен терористички напад на подрачјето на главниот град Брисел, а училиштата и подземната железница би требало да бидат отворени од среда.
Оваа одлука во петокот вечерта ја соопшти на прес-конференција белгискиот премиер Шарл Мишел по седницата на националниот Совет за безбедноста, на кој била анализирана ситуацијата во главниот град и воопшто во земјата.
„Остануваат истите потенцијални цели на терористичките напади: јавниот транспорт, трговските центри и фреквентните улици“, рече Мишел. Додаде дека училиштата и подземната железница постепено ќе започнат да работат од среда.
Кога станува збор за остатокот од Белгија, и натаму останува 3-то ниво на тревога од напад на скалата од 4, кое, исто така, беше воведено ноќта кон саботата.
Премиерот Мишел порача дека и натаму останува на ставот максимално да се намалат бројот на настаните на коишто се собираат поголем број луѓе, како и дека на улиците на Брисел дополнително ќе биде засилено присуството на полицијата и на војската, а овие мерки на сила ќе останат до следниот понеделник.
Вторник ќе биде четвртиот ден како белгиската престолнина живее со највисокото ниво на опасност поради терористичка закана.
Во неделата вечерта до понеделникот утрото белгиската полиција изврши голем број рации, во кои се уапсени 21 човек. Од 16 кои беа приведени во неделата ноќта, 15 се пуштени, а против едно лице е покренато обвинение за учество во активности на терористичка група.
Од петтемина, пак, уапсени во понеделникот утрото во Брисел и Лим, две веќе се ослободени, а другите три лица сé уште се на испитување.
Белгиската полиција во ниеден случај досега не го соопшти идентитетот на приведените и задржаните, освен дека меѓу нив не е Салах Абеслам, за кој постојат сомневања дека се крие во Брисел или Белгија и е подготвен да изврши терористички напад.
Абдеслам е осомничен еден од главните луѓе и помагач на осомничениот како организатор на париските терористички напади од 13-ти ноември, Адбелхамид Абаауд, кој беше убиен во полициската операција во париското предградие Сен Дени./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Ќе ги вратиме сите наши градови

Украина ќе ги врати сите градови што ги зазедоа Русите, вклучително и Северодонец, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Како што објави претседателот, Украина била погодена од 45 руски проектили во последните 24 часа.
Зеленски ги опиша нападите како циничен обид да се скрши духот на украинскиот народ. Зеленски повторно побара повеќе оружје од Западот, коментирајќи дека немилосрдните ракетни напади потврдиле дека санкциите против Русија не се доволни за да и’ се помогне на Украина.
Северодонецк падна во рацете на руските сили по неколкунеделните борби.
Европа
Лажен Кличко разговарал со градоначалниците на Берлин, Мадрид и Виена

Градоначалниците на Берлин, Виена и Мадрид разговарале во видео повик со личност која звучела и изгледала како градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, но биле измамени.
Европските градоначалници биле измамени при видео повици за кои се покажало дека се лажни, пишува Гардијан. Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифеј во петокот учествуваше во закажаниот разговор на платформата за видео конференции Webex со личност за која рече дека изгледала и звучела како Кличко.
„Немаше знаци дека видеоповикот не бил одржан со вистинска личност“, се вели во соопштението од нејзината канцеларија.
Дури по околу 15 минути наводниот градоначалник на Киев почнал да зборува за проблемот со украинските бегалци. Лицето на видеото, кое се претставувало како Кличко, ги повикало бегалците да се вратат во Украина и да се приклучат на војската.
По таа изјава, на градоначалничката на Берлин и’ станало сомнително. Откако врската накратко била прекината, кабинетот на градоначалничката на Берлин контактирал со украинскиот амбасадор во Германија. Тој стапил во контакт со Киев и потврдил дека личноста во видеоповикот не е вистинскиот Кличко, објави Der Spiegel.
Deep fake снимките користат форма на вештачка интелигенција која создава слики од лажни настани или анимации на политичари кои држат лажни говори.
„За жал, реалноста е дека војната се води со сите средства, вклучувајќи го и Интернетот, со цел да се поткопа довербата со дигитални средства и да се дискредитираат партнерите и сојузниците на Украина“, рече Гифеј.
Ист видео повик имаа и градоначалниците на Виена и Мадрид.
Канцеларијата на градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, исто така, поднесе пријава во полиција за некој што лажно се претставувал како Кличко во видео повик. Според неговиот портпарол, градоначалникот веднаш по почетокот на разговорот му се посомневал и го прекинал разговорот.
Градоначалникот на Виена, Мајкл Лудвиг, во средата објави на Твитер дека разговарал со Кличко преку видео повик. Твитот беше избришан во саботата. Набргу потоа, на официјалната страна на Виена беше објавено соопштение дека Лудвиг се чини дека бил жртва на „сериозен случај на сајбер криминал“.
Европа
Илјадници Украинци и Полјаци на ЛГБТ парадата во Варшава: „Русија ни ја одзеде поворката“

Илјадници Полјаци и Украинци денеска маршираат за мир, барајќи да се стави крај на дискриминацијата на ЛГБТ луѓето на заедничката парада на гордоста во Варшава, за која организаторите велат дека се обидува да ги брани слободата и еднаквоста додека војната фрла сенка врз Источна Европа.
Годишната парада на гордоста во украинскиот главен град Киев е откажана поради руската инвазија, поради што ЛГБТ заедницата во Варшава се обедини со Украинците за да организира настан во полската престолнина.
„Русија го одзеде правото за кое се бориме со години, Русија ни ја одзеде поворката, нашиот марш на еднаквост што го одржуваме секоја година од 2012 година во Киев. Затоа маршираме во Варшава“, рече Лени Емсон, извршен директор на „Киев прајд“ кој дојде во Полска на маршот.
Конзервативните ставови кон сексуалната ориентација се широко распространети во двете земји. Полските владејачки националисти го направија она што тие го нарекуваат „ЛГБТ идеологија“ клучно прашање во изборните кампањи, додека екстремно десничарските групи во Украина редовно ги напаѓаа ЛГБТ активистите пред војната.
Но, бидејќи многу ЛГБТ луѓе во Украина се пријавуваат во војската за да ја бранат земјата, активистите рекоа дека се надеваат дека војната може да помогне да се урнат предрасудите.
„Луѓето кои се подготвени да умрат во одбрана на оваа земја, мислам дека имаат право да бидат еднакви, да имаат право, на пример, на граѓански брак“, рече Темур Левчук, ЛГБТ активист во Киев. Тој не можеше да присуствува на маршот во Варшава поради законот со кој се спречуваат украинските мажи на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата.
„Сите сме луѓе, без разлика кого сакаме“
Олена Микал, 29-годишна маркетинг менаџер во ИТ компанија со седиште во Киев, која побегнала од Украина во март, рече дека собирот во Варшава бил чин на солидарност со ЛГБТ заедницата во нивната матична земја.
„Тука сум затоа што не можам да одам на парада во Украина. Сите сме луѓе, без разлика кого сакаме“, изјави Микал за „Ројтерс“ непосредно пред почетокот на настанот.