Европа
10-годишно момче качено на дрво цела ноќ се спасило од силното невреме во Шпанија
Момче преживеа смртоносни поплави во Шпанија качувајќи се на дрво и држејќи се за него цела ноќ. 10-годишното дете се лекувало од хипотермија, објавија шпанските медиуми.
Најмалку три лица загинаа, а уште три се водат како исчезнати бидејќи рекордните врнежи предизвикаа поплави во централна Шпанија, соопшти полицијата.
Во рурален дел од оваа област семејството на момчето се обидувало да се спаси од поплавите кога нивниот автомобил бил одвлечен во реката, рече шефицата на регионот Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо.
„Кутрото момче ја помина цела ноќ качено на дрво“, рече таа.
Шпанската полиција соопшти дека мајката и сестрата на момчето се пронајдени, но спасувачките служби сè уште го бараат татко му.
Жителите во погодените области во неделата беа предупредени со итна СМС-порака и силен аларм за невремето.
Климатолозите предупредија дека глобалното затоплување значи повеќе испарување вода во текот на летото, што доведува до поинтензивни бури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Франција ја критикува Русија: „Како да сте ја бомбардирале катедралата Нотр Дам“
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека рускиот напад врз Киевско-Печерската лавра е споредлив со бомбардирањето на париската катедрала Нотр Дам.
„Ова е место под заштита на УНЕСКО, што за нас во Франција е како бомбардирање на Нотр Дам или базиликата Сен Дени. Сосема неприфатливо“, рече Баро по пристигнувањето во Луксембург за состанок на министрите за надворешни работи на Европската унија.
Kyiv-Pechersk Lavra 💔 pic.twitter.com/uIk15v6F1V
— Kate from Kharkiv (@BohuslavskaKate) June 14, 2026
Девет мртви
Четири лица беа убиени во нападите врз Киев, додека пет спасувачи ги загубија животите гасејќи пожар предизвикан од нападот во североисточниот град Харков, соопштија украинските власти.
❗️🇺🇦 Just a horror: this is what Kyiv-Pechersk Lavra looks like now. pic.twitter.com/KMUZOOs4ga
— The Ukrainian Review (@UkrReview) June 14, 2026
Катедралата Успение на Богородица во Киевско-Печерската лавра од 11 век беше значително оштетена, во она што украинската премиерка Јулија Свириденко го опиша како „брутален напад врз украинскиот народ и наследство“. Голем дел од Украина денес беше под предупредувања за воздушен напад. Најмалку 23 лица беа ранети во нападите врз Киев, додека уште пет лица беа повредени во Харков.
Европа
Синот на норвешката принцеза прогласен за виновен за силување
Мариус Борг Хоиби, 29-годишниот син на норвешката престолонаследничка Мете-Марит, денес беше осуден на четири години затвор откако беше прогласен за виновен за две силувања, објави Би-би-си.
Пресудата ја изрече Окружниот суд во Осло. Хоиби беше ослободен од две други силувања, но беше прогласен за виновен и за голем број други кривични дела. Тој не беше присутен на суд за пресудата, но се придружи преку видео врска.
Обвинителството побара повеќе од седум години затвор
Совет од тројца судии го прогласи за виновен по две точки од обвинението за силување. Обвинителството побара казна од седум години и седум месеци затвор за време на судењето.
Адвокатите на Хоиби побараа значително полесна казна од 18 месеци затвор. По пресудата, тие ја објавија можноста за жалба. Хоиби првично ги негираше обвиненијата за силување. Според достапните информации, тој се изјасни за виновен по некои од поблагите обвиненија.
Обвиненијата се однесуваа на периодот од 2018 до 2024 година
Четирите обвиненија за силување се однесуваа на периодот од 2018 до ноември 2024 година. Еден од инцидентите наводно се случил во официјалната резиденција на неговите родители на имотот Скаугум.
Во еден случај од 2023 година, тој беше обвинет за сексуален однос со жена додека таа спиела. Другите обвиненија се однесуваа на сексуални напади врз жени кои биле неспособни, што исто така се смета за силување според норвешкиот закон.
Покрај обвиненијата за силување, Хоиби се соочи со голем број други обвиненија. Тие вклучуваа напад, закани, прекршоци поврзани со дрога и прекршување на наредбите за забрана за пристап. Единствената жртва чие име беше дозволено да се открие беше неговата поранешна девојка, инфлуенсерката Нора Хаукланд. Нејзините тврдења дека тој ја удирал, клоцал и давел беа дел од обвинението.
Европа
Велика Британија ги забранува социјалните медиуми за лица под 16 години
Британскиот премиер Кир Стармер денес објави дека на лицата под 16 години ќе им биде забранет пристапот до сите главни апликации на социјалните медиуми.
„Водењето земја е секогаш прашање на избор и ми е јасно дека целосната забрана е вистинската“, рече Стармер на прес-конференција, објави Скај њуз.
Стармер нагласи дека социјалните медиуми ги прават децата несреќни, отвораат простор за вознемирување и злоупотреба и го оштетуваат нивното ментално здравје. Тој, исто така, ја нагласи опасноста од штетна содржина на која се изложени децата.
„Нема да правам компромис во врска со безбедноста и среќата на нашите деца и затоа оваа забрана мора да се спроведе. И ќе се спроведе“, рече тој.
Ограничувања и за платформите за игри
Тој објасни дека производите што не се опфатени со општата забрана, како што се платформите за игри, ќе мора да ги спречат децата да комуницираат со странци. Тој додаде дека можноста некои деца да најдат начини да ја заобиколат забраната не треба да биде причина за нејзино напуштање.
„Ова ќе ги направи нашите деца посреќни. Ќе им дадеме повеќе време, повеќе безбедност, повеќе слобода да растат и повеќе можности. На крајот на краиштата, тоа е она за што се залага оваа влада“, заклучи британскиот премиер.
