Европа
11 уапсени во Грција, нападнале директор на училиште поради ковид-мерки
11 лица се уапсени на северот на Грција а се сомничат дека поради примена на ковид-мерки нападнале директор на училиште, му ставиле лисици на рацете и го однеле во полициска станица.
Осомничените се членови на група, која се спротивставувала на рестриктивните ковид-мерки. Тие како што пишуваат медиумите наводно го зграпчиле 61-годишниот директор, пред да започне секојдневната проверка за студенти од коронавирус, насилно го внеле во возило и го однеле до блиската полициска станица од каде побарале од полицијата да поднесе обвинителен акт.
Во полициското соопштение се наведува дека осомничените тоа го сториле под изговор дека директорот ги прекршил одредбите од грчкиот Устав.
Инцидентот се случил во близина на градот Катерини, на околу 430 километри од Атина.
Девет мажи и две жени се обвинети за напад, киднапирање, употреба на навредлив јазик и нарушување на мирот, соопшти полицијата.
Грчкиот министер за образование Ники Керамеус во порака на социјалните мрежи рече дека нападот е „неразбирлив“.
„Ќе ја заштитиме нашата образовна заедница со сите потребни средства“, рече тој.
Групи кои веруваат дека треба да ја делат правдата неодамна се појавија во Солун и околните градови, а припадниците на една од нив, која себеси се нарекува „Чувари“, носат црни униформи и веруваат дека рестриктивните мерки се незаконски и оние што „го бранат Уставот“ треба да им се спротивстават.
Грција се бори со зголемување на бројот на заразени со коронавирусот.
Владата вети дека училиштата и бизнисите ќе продолжат да работат, но го засили притисокот врз невакцинираните и неодамна најави задолжителни вакцини за лицата над 60 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.