Европа
На митингот на „Движење 5 ѕвезди" во Рим 800 илјади луѓе, тврди Грило
На завршниот митинг од кампањата на „Движењето 5-те ѕвезди”, покренато во 2009 година од познатиот италијански сатиричар и социјален активист Бепе Грило, кој се одржа во петокот вечерта во Рим, според самиот Грило присуствувале 800 илјади негови приврзаници.
Главниот слоган на оваа релативно млада политичка сила во Италија, која се позиционираше како алтернатива на сите традиционални партии, беше повикот сите стари политичари „да бидат испратени дома”.
На римскиот плоштад Сан Џовани, избран од Бепе Грило за завршница на неговата „Цунами турнеја” кој претходно беше познат по тоа што на него своите собири ги одржуваа левичарските сили, луѓето почнале да пристигнуваат многу порано од закажаниот термин, во 18 часот по локално време. Како што пишува во саботата миланскиот дневен весник Corriere della Sera, во Рим од различни градови на Италија пристигнале најмалку 100 автобуси со поддржувачи на Грило.
Манифестацијата започнала со конфронтација меѓу организаторите и италијанските новинари, на коишто три часа не им било дозволено да се доближат до местото на настанот. Првично било предвидено покривањето на завршниот дел од кампањата на „Движење 5 ѕвезди” да биде ограничено само за странските дописници и за претставниците на италијанската телевизија Sky Tg24. Меѓутоа, по интервенцијата на полицијата, на претставниците на италијанските медиуми, сепак, им бил дозволен пристапот до централниот простор на настанот.
Грило го започнал својот говор точно во предвидениот термин. Излегувајќи на бината, сатиричарот и политичар, обраќајќи им се на своите приврзаници, забележал дека дошол крајот на „оддалечените од реалноста” политичари, коишто Италијанците секојдневно ги гледаат во Рим во нивните блиндирани возила. „Тие уште не сфатиле што ги очекува. Збогум! Предајте се, вие сте опкружени, молете се за прошка”, рекол комичарот.
„Ова е невозможно, но ве има 800 илјади луѓе на плоштадот и уште 150 илјади поврзани со нас преку интернет”, извикал Грило, обраќајќи се на толпата. Полицијата на италијанската престолнина воопшто не ги објавија своите процени за присутните на митингот на плоштадот Сан Џовани и соседните улици.
Ненадејниот подем „Движење 5 ѕвезди” почна на локалните административни избори во мај 2012 година, истовремено со намалувањето на поддршката за партијата на поранешниот премиер Силвио Берлускони – Народ на слободата, (PdL) и растот на довербата во централно-левичарската сили. Политичките противници Бепе Грило го нарекоа најголемата закана за Италија. Посебно, Берлускони во петокот кој го откажа завршниот митинг во Неапол поради наводни болки во окото, но се појави на телевизија, изјави дека не стравува од ниеден конкурент, но Грило, според него, е опасен, бидејќи може да ја искористи предноста на фрустрациите на многу гласачи.
Парламентарните избори ќе се одржат во Италија на 24-ти и 25-ти февруари. Со завршните митинзи во петокот завршија изборните кампањи на учесниците во изборната трка и од саботата попладне на Апенинскиот полуостров настапи изборниот молк./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.