Европа
Почина „Челичната лејди" Маргарет Тачер (проширено)
Поранешната британска премиерка Маргарет Тачер почина во понеделникот во Лондон во 87-година од животот како последица од мозочен удар што го доживеала утрото, потврди нејзиниот портпарол, како и нејзините деца Марк и Керол Тачер.
Поранешната британската премиерка бароницата Маргарет Тачер ја извршуваше функцијата во периодот 1979 до 1990, а го доби прекарот „Челичната лејди”. Стана првата жена на оваа функција во Велика Британија, како и личност со најдолг континуиран период на извршување на премиерската должност од почетокот на XIX век.
„Со голема тага Марк и Керол Тачер објавија дека нивната мајка, бароницата Тачер, починала мирно утрото како последица од мозочен удар”, соопшти нејзиниот портпарол Тим Бел.
Во текот на трите мандата, избрана последователно во 1979, 1983 и 1987 година, Тачер остана запаметена по тоа што ја скуси програмата за социјална помош, ги намали овластувањата на синдикатите и приватизираше некои индустриски сектори. Маргарет Тачер си поднесе оставка поради непопуларната политика и борбата за власт во нејзината конзервативна партија.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека Британија изгубила личност кој била „голем лидер”. „Изгубивме голем лидер, голема премиерка и голема Британка”, рече премиерот Камерон во пораката.
Кралицата Елизабета Втора изрази длабоко жалење, како и дека ќе испрати приватна порака до семејството.
Според соопштението на британската влада, церемонијата на последен поздрав со Маргарет Тачер ќе се одржи во лондонската катедрала Свети Павле. По церемонијата, на којашто на поранешната премиерка ќе и’ бидат оддадени државни и воени почести, нејзините останки ќе бидат кремирани во присуство на најблиските роднини и пријатели. Датумот на церемонијата сé уште не е познат.
Тачер беше хоспитализирана ланскиот декември. Од нејзиното опкружување подоцна беше соопштено дека била подвргната на мала операција за отстранување на мал израсток во мочниот меур, која била успешна. Сепак, имајќи ја предвид возраста, 87-годишната бароница Тачер остана под медицински надзор, а беше отпуштена од болница на 28-ми декември.
Тогаш британските медиуми објавија дека лошото здравје не и’ дозволува на поранешната премиерка да се појавува на јавни настани. Во последниве години, Тачер беше хоспитализирана неколкупати. Во 2012 година таа не присуствуваше на свечената вечера во Даунинг стрит (седиштето на британската влада) во чест на прославата 60-годишнината од владеењето на кралицата Елизабета Втора, на која присуствуваа сегашниот и поранешни премиери. Бароницата Тачер последен пат во јавноста се појави на вечерата приредена во чест на нејзиниот 85-ти роденден пред две години, исто така организиран од страна на кабинетот на актуелниот премиер Дејвид Камерон.
Во понеделникот, исто така, беше објавено дека британскиот премиер Камерон ја прекинува својата турнеја по Европа и во текот на денот ќе се врати во Велика Британија.
Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, во понеделникот изрази сочувство со владата и народот на Обединетото Кралство во врска со смртта на Маргарет Тачер, велејќи дека поранешната премиерка имала важен придонес кон европскиот проект, а исто така, одиграла клучна улога во процесот на пристапување во европското семејство на земјите од источна и од централна Европа .
„Велика Британија под нејзиното водство активно го поддржа проширувањето на Европската унија”, рече Баросо.
Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, исто така, изрази сочувство поради смртта на „Челичната лејди”, при што рече дека Тачер беше „политичар од историско значење”.
„Без разлика дали се согласувате со нејзината политика или не, Маргарет Тачер покажа дека политиката сé уште има потенцијал да биде движечката сила за промени”, рече Шулц.
Веста за смртта на Челичната лејди беше застапено широко и на социјалните мрежи како една од најупотребуваните фрази на ресурсот за микроблогирање Twitter беа „бароницата Тачер” и „почина Маргарет Тачер”, со што корисниците ја споделуваат веста за смртта на Маргарет Тачер и го изразуваат своето сочувство.
Интернет порталот WikiLеаks на својата страница на најголемата социјална мрежа Facebook постави линк до 429 тајни дописи на американските дипломати во коишто се споменува името на Маргарет Тачер.
Наведените документи го опфаќаат периодот од 1973 до 2010 година, а се однесуваат на внатрешната и надворешната политика на Велика Британија. Низ овие материјали може да се проследи целата политичка кариерата на Маргарет Тачер, почнувајќи од 70-тите години на минатиот век./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.
Европа
Украина се обидува да ја убеди Индија да застане на страната на Киев, а не на Москва
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ја повика Индија да застане со Киев, велејќи дека блиските врски на Индија со Русија се засноваат на избледеното советско наследство, објави денеска Фајненшл тајмс.
Кулеба вчера пристигна во Њу Делхи со цел да ги зајакне врските со Индија, како и да ја промовира визијата на Киев за пат кон мирот во Украина.
Според Ројтерс, Индија традиционално има блиски економски и одбранбени врски со Москва и се воздржува да ја критикува Русија поради нејзината инвазија на Украина. Згора на тоа, купувањето на руска нафта од Индија е на рекордно ниво во последно време.
Кулеба рече дека Индија има многу да добие од проширувањето на трговските и технолошките врски со Украина, поставувајќи го прашањето за улогата на индиските компании во повоената обнова на Украина.
Украина сака да ја „врати трговијата“ со Индија, во форма на извоз на земјоделски производи како што е сончогледовото масло, а самата сака да купи повеќе индиски стоки. „Ние сме заинтересирани да увеземе дел од тешката машинерија што ја произведува Индија“, рече Кулеба.
Украина се надева дека во наредните месеци ќе одржи самит на светските лидери без учество на Русија, со цел да го промовира и зајакне својот план за мир, кој меѓу другото повикува на повлекување на руските трупи од нејзината територија.
Русија ја отфрли таа украинска дипломатска иницијатива.