Европа
Русија ќе преземе мерки за својата безбедност како одговор на мерките на НАТО
Русија ќе ги преземе сите политички и воено-технички мерки за соодветно да ја осигури својата безбедност, без оглед на одлуките кои ги носи НАТО во поглед на зајакнувањето на своите источни граници, изјави рускиот амбасадор при НАТО, Александар Грушко, коментирајќи ги резултатите од дводневната средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата.
„Се разбира, од наша страна ќе бидат преземени сите неопходни политички и воено-технички мерки, за да ја осигуриме нашата безбедност”, изјавил Грушко. „Знаеме дека воената алијанса наложи да се претстави соодветен план за зајакнување на одбраната на самитот (на НАТО) во Велс во септември годинава. Во принцип, тоа што НАТО ќе даде поголемо влијание на одбраната на своите источни граници, за нас не претставува новина”, истакнал рускиот амбасадор во Алијансата.
Според Грушко, военото освојување на териториите во исночноевропските земји од страна на НАТО е завршено. „Инфраструктурата овозможува да се преземаат потенцијалите на зајакнувања, особено модернизацијата на аеродромите, пристанишната мрежа, во 2009 година земјите од Балтикот и Полска целосно беа интегрирани во плановите за одбрана на НАТО (…) беа формирани воени бази во Бугарија, Романија и Полска, се создаваат деловите од противракетната одбрана во Романија и Полска, воздушното патролирање во земјите на Балтикот е воспоставено на постојана база. Притоа, земјите членки на НАТО се обидуваат да претстават дека сите овие чекори се вклопуваат во нивните заложи по Основачкиот акт за (комисијата) Русија – НАТО) ‘воздржувајќи се од дополнително разместување на суштинските борбени сили на трајна основа'”, изјавил Грушко.
„Важно е да се истакне дека загриженоста којашто денес ја изразуваат членките на Алијансата, апсолутно нема основа и со ништо не се оправдани. Покрај тоа, станува збор за засилување на воениот потенцијал во регионот, коишто се во непосредна близина на нашата Калинградска област (руска енклава во Полска) и во зајакнувањето на безбедноста во којашто Русија има голем придонес последниве години со значителното намалување на нивото на вооружувањето”, изјавил рускиот дипломат, пренесува агенцијата РИА Новости.
Истакнал, исто така, дека „доколку се вратиме на ваквите сфаќања од минатото, како рамнотежа на силите во светот”, тогаш денес севкупните расходи за армиите на НАТО „изнесуваат околу половина од светските”. „Доколку ги споредите со руските, нашиот воен буџет е најмалку 10 пати помал од севкупниот воен буџет на земјите членки на НАТО, при што Алијансата е супериорна во сите основни категории на вооружувањата”, рекол Грушко.
„Тие држави, коишто сега зборуваат за недостиг од безбедноста и стравуваат од можна ‘руска воена интервенција’, на тој начин индиректно го признаваат фактот дека не ги финализирале своите задачи во сферата на заштитата на човековите права. Наместо со неразјаснети задачи да испратат борбени авиони во земјите на Балтикот, би било подобро, доколку земјите на ЕУ и НАТО ги убедат раководствата на Естонија и Латвија да започнат суштински да работата на искоренувањето на поразниот феномен на неграѓанскиот статус, кога луѓето ги лишуваат од правото на граѓанство и политиките права само затоа што зборуваат на руски јазик”, рекол рускиот амбасадор во НАТО.
Со тоа Грушко алудира на препораката од минатата седмица од извештајот на Комисијата на ОН за човекови права во која беше наведено дека законот за државен јазик во Латвија содржи елементи на дискриминација на националните малцинства во земјата. Комисијата во извештајот, исто така, ја повикува Рига да го измени законот и да го направи „попријателски во однос на етничките малцинства”.
Во поранешната советска република Латвија, од 2,2 милиони жители дури 44 отсто од населението се изјаснува дека рускиот му е мајчин јазик. Според уставот, латвискиот е единствениот службен јазик, а рускиот го има статусот на странски јазик. За неупотребување на латвискиот јазик, на припадниците на националните малцинства во јавните служби им се закануваат казни и глоби. Поради тоа во Рига е формиран Центар на државниот јазик.
Околу 16 отсто, односно 319 илјади, од латвиското население се води како „не-граѓани”, односно лица чии родители се населиле во Латвија за време на советската ера. Во оваа земја постојат 80 разлики во правата меѓу граѓаните и ткн „не-граѓани”. Особено за вторите важи законот дека немаат право да учествуваат на избори и референдуми./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на „Телеграм“: „Сè повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека во моментот не се планира блокирање на социјалната мрежа „Телеграм“ во Русија.
„Не, во моментот нема такви планови“, изјави Песков за каналот „Шот“ на прашањето дали Русија планира да го блокира „Телеграм“.
Тој додаде дека основачот на оваа платформа, Павел Дуров, треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува „РИА новости“.
Како што изјави во средата за „РИА новости“ извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на „Телеграм“, „Глас Хорасан“, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на државната Дума од Обединета Русија, Олег Морозов, денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на „Телеграм“, кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.
Европа
Шолц: Мирот во Украина е можен во секој момент, само ако Путин ги повлече своите војници
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека мирот во Украина е можен во секој момент доколку рускиот претседател Владимир Путин ја прекине својата, како што наведе, варварска кампања и ги повлече војниците.
Шолц за „Маркише Агемајне цајтунг“ изјави дека секогаш имало иницијативи за посредување.
„На пример, веднаш по избувнувањето на војната, Русија и Украина директно преговараа меѓу себе. Преговорите потоа пропаднаа затоа што Русија ги искористи само како изговор за истовремено да ги премести своите трупи на исток за голема офанзива“, посочи тој.
Како што тврди, токму тогаш на виделина излегле масакрите во Буча и Ирпин, злосторства против човековите права извршени од страна на руските вооружени сили врз цивилното население, со што разговорите се лишени од секаква основа, пренесува медиумот.
„Малку подоцна се разговараше за договорот за жито, со успех. За жал, Путин во одреден момент повторно го откажа“, додаде Шолц.
Тој изјави дека имало разговори и за безбедноста во нуклеарната централа „Запорожје“ и за размена на затвореници.
„Голем број земји, вклучително и Украина, во моментот разговараат на ниво на советници за безбедност за тоа што би можело да изгледа како нешто што може да доведе до мировен процес, но дозволете ми да бидам многу јасен: мирот е можен во секое време. Путин само треба да стави крај на неговата варварска кампања и да ги повлече трупите“, истакна Шолц.
Европа
В недела голем тест за Ердоган: ќе успее ли „султанот на Турција“ повторно да ја освои власта во Истанбул и Анкара
В недела во Турција ќе се одржат општински избори, а во оваа пригода партијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган (АКП) ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул и Анкара, градови што гласаа против АКП во 2019 година.
Аналитичарите тврдат дека овие избори ќе бидат мерка за поддршка на Ердоган на национално ниво, но и за силата на опозицијата, особено на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Според „Ројтерс“, се очекува тесна трка за градот Босфор, кој е дом на повеќе од 16 милиони луѓе и придонесува повеќе од една четвртина од националниот БДП.
На последното локално гласање во 2019 година главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го изненади Ердоган кога преовлада во Истанбул и Анкара ставајќи крај на повеќе од две децении владеење на АКП и нејзините исламистички претходници.
Главниот противник на актуелниот градоначалник на Истанбул, пратеникот на ЦХП, Имамоглу, е членот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер во кабинетот, а анкетите покажуваат мала предност за Имамоглу. Анкетите велат дека актуелниот градоначалник на Анкара, Мансур Јавас, е далеку пред противникот на АКП, Тургут Алтинок, поранешен претседател на општина во тој град.
Речиси 11 милиони луѓе имаат право на глас во Истанбул, според Врховниот изборен совет. Одѕивот на општите и локалните избори е многу висок во Турција, речиси 90 проценти. Минатиот мај Ердоган беше реизбран за претседател и неговата алијанса освои мнозинство во парламентот на тесни општи избори, резултат што, според „Ројтерс“, ја поделил и деморализирал алијансата ЦХП и другите опозициски партии.
Буџетот на Истанбул е многу поголем од сите други 80 града во земјата со 516 милијарди лири (16,05 милијарди долари) во 2024 година вклучувајќи ги и нејзините подружници, а буџетот за главниот град Анкара, од друга страна, е 92 милијарди лири.
Освен во Истанбул и Анкара, резултатите се очекува да бидат блиски и во градовите Бурса, Адана и Анталија. В недела Турција ќе гласа и во другите 79 провинции во земјата за лидери и окружни шефови на провинции, окружни совети и локални администратори.