Европа
Амбасадорот на САД ѝ се извини на Полска за изјавата на челникот на FBI за холокаустот
Американскиот амбасадор во Варшава се извини во неделата за написот на шефот на американското Федерално биро за истраги FBI, Џејмс Коми, според кој Полска ја споделува одговорноста за холокаустот со нацистичка Германија во текот на втората свеска војна.
„Убијците, и нивните помагачи во Германија, Полска и Унгарија, и на уште многу други места, сметале дека не сториле ништо лошо. Се убедиле дека постапуваат правилно, дека тоа мора да го сторат“, се вели во текстот што челникот на FBI, Џејмс Коми, го објави минатата седмица во весникот The Washington Post, кој предизвика гнев во Полска и осуда во медиумите и меѓу политичарите, уште повеќе поради тоа што полските односи со САД се развиваат многу тесно во поглед на новите политики на Вашингтон кон Русија.
Полска смета дека со тој текст се инсинуира дека земјата била соучесник во нацистичкиот геноцид врз Евреите во Втората светска војна. Полскиот амбасадор во САД, Ришард Шнапф, во писмена изјава оцени дека изјавите на Коми се „неприфатливи“, додавајќи дека во писмото до директорот на FBI му испратил писмо во кое „протестира против фалсификувањето на историјата“, особено поради „обвинувањето на Полјаците за извршување на злосторствата, коишто не само што не ги правеле, туку биле и самите жртви на истите“.
По повикот од министерството за надворешни работи на Полска и средбата со заменик на шефот на полската дипломатија Лешек Соджевица, американскиот амбасадор Стивен Мал за медиумите изјави дека врз нацистите е целата одговорноста за холокаустот.
„Јасно дадов до знаење дека ставот оти Полска на кој и да е начин е одговорна за холокаустот, не е став на САД. Секое сугерирање дека Полска, или која и да е друга земја освен нацистичка Германија, е одговорна за холокаустот, е погрешно, штетно и навредливо“, изјави амбасадорот Мал.
Полскиот претседател Бронислав Коморовски претходно изјави дека зборовите на шефот на FBI покажуваат „недостиг од историско познавање“ и се „навредливи за илјадниците Полјаци коишто им помагаа на Евреите“.
Американскиот претседател Барак Обама во 2012 година, исто така, го предизвика гневот на Полјаците кога нацистичките концентрациони логори ги нарече „полски логори на смртта“, потсетуваат медиумите./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.