Европа
Американскиот амбасадор го разбесни чешкиот претседател
Чешкиот претседател Милош Земан, во последниот период познат по предизвикувањето на трпението кај западните партнери поради неговите различни ставови во однос на кризата во Украина, кои често се совпаѓаат со руските, во неделата жестоко го нападна амбасадорот на САД во Прага и го прогласи за непожелен во неговиот кабинет, бидејќи ја критикуваше неговата објава дека на 9-ти мај ќе присуствува на прославата на 70-годишнината на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна во Москва, што ќе ја бојкотираат западните челници.
Чешкиот претседател Милош Земан мината недела за француското радио F1 изјави дека советските војници кон крајот на Втората светска војна во 1945 година во тогашна Чехословачка дошле како ослободители, и потврди дека за разлика од западните челници тој ќе присуствува на парадата во Москва на 9-ти мај.
„По таа изјава, вратата од Прашкиот замок, се затворени за амбасадорот Шапиро“, изјави Земан оваа неделата за интернет весникот Parlamentnilisty.cz. Прашкиот замок, е некогашна резиденцијата на чешките кралеви, а подоцна на претседателите на земјата.
Американскиот амбасадор Ендрју Шапиро кон крајот на март изрази „неразбирање“ за одлуката на Земан да патува во Москва на прославата на крајот од Втората светска војна, кој во Русија се одбележува како Денот на победата со грандиозна воена парада на која се канат светските државници.
„Не можам да замислам дека чешкиот амбасадор во Вашингтон на претседателот на САД би му делел совети каде да патува. Не дозволувам некој амбасадор да учествува во планирањето на моите патувања“, порача чешкиот претседател.
Амбасадорот Шапиро кон крајот на март на чешката телевизија изјави дека претседателот Земан би можел да биде единствениот челник на земја членка на Европската унија на прославата во Москва. „Тоа е помалку непријатно“, рече американскиот дипломат, додавајќи дека не е негова „задача“ да му кажува на претседателот на Чешка што треба да прави.
Најавениот пат на Земан во Москва на 9-ти мај и во самата Чешка предизвика критики. Дел од опозицијата и од владејачките социјалдемократи од CSSD, вклучително и министерот за надворешни работи Лубомир Заоралек ја критикуваа намерата на шефот на државата да присуствува на воената парада во руската престолнина. Причините за овие критики се нападите на Западот врз Русија за нејзината наводна улога во украинската криза, мислење што не го споделува Земан, кој честопати умее да ги критикува прозападните власти во Киев како и европските санкции за Москва.
Критичарите сметаат дека Земан ќе биде единствениот висок претставник на ЕУ на свеченоста во Москва. Тој, пак, на критиките одговори дека сака да потсети на 150-те илјади советски војници кои загинале во текот на ослободувањето на тогашна Чехословачка од нацистите. Покрај тоа, патувањето во Москва е „израз на благодарност“, за тоа што денеска во Чешка не зборуваме германски повтори и во ова интервју Земан.
„Мојата посета на Москва е израз на благодарност за тоа што ние во Чешка сега не треба да зборуваме германски и да викаме ‘Хајл Хитлер!’ или ‘Хајл Хејдрих!“ (првиот човек на протекторатот Бохемија и Моравија во годините на нацистичката окупација на Чехословачка – з.м.). Во септември 1941-та Хејдрих во Прашкиот замок (резиденцијата на чешките кралеви и претседатели), рече дека Чесите на таа територија нема што да бараат“, рече уште Земан во интервјуто за француското радио минатата недела.
Земан потсети дека тој нема закажано средба со рускиот претседател Владимир Путин, но дека можеби токму германската канцеларка Ангела Меркел ќе разговара со рускиот челник, бидејќи ден потоа, на 10-ти мај таа ќе допатува во Москва за истата прилика, на церемонијата на полагање венец на гробот на Незнајниот војник. Според руските медиуми, на парадата ќе присуствуваат и највисоките претставници на Грција и на Кипар, кои исто така, се членки на Европската унија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.
Европа
Генералниот секретар на НАТО и вети на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана
Сојузниците на НАТО се согласија да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана во Киев, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг по специјалната средба на министрите за одбрана на сојузниците со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Покрај „Патриот“, има и други оружја што сојузниците можат да ги обезбедат, вклучувајќи го и SAMP/T (францускиот систем), а многу други кои немаат достапни системи ветија дека ќе обезбедат финансиска поддршка за нивните набавки за Украина“, изјави Столтенберг за новинарите во Брисел.
Зеленски го побара состанокот бидејќи неговата земја се соочува со недостиг на муниција и задржување на клучните американски финансирања, што со месеци е блокирано од републиканците во Конгресот, додека ЕУ не успева да испорача муниција навреме.
Тој во петокот им рече на членките на НАТО дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ или други напредни системи за воздушна одбрана за да се спротивстави на руските воздушни напади, повикувајќи ги да ја засилат воената помош за Киев.
Во емотивниот говор преку видео врска, украинскиот лидер го опиша сегашното ниво на странска помош како „многу ограничено“ и рече дека Израел не бил оставен на себе за време на масовниот ирански воздушен напад во саботата.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин мора да биде симнат на земјата, а нашето небо мора повторно да стане безбедно… И тоа целосно зависи од вашиот избор… (од) изборот дали сме навистина сојузници“, рече Зеленски во неговиот говор.
Европа
Орбан: Западот е на чекор од испраќање војници во Украина, Брисел си игра со оган
Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави HirTV.
Пари, пари, оружје, но состојбата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од Западот да испрати војници во Украина. Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган – предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.