Европа
Анкета: Независноста на Шкотска е многу можна
Резултатите од истражувањето на јавното мнение објавени во вторникот покажаа дека е сé поголем бројот на избирачите коишто ја поддржуваат независност на Шкотска, на само две седмици пред одржувањето на референдумот за можното прекинување на 307 години старата заедница на којашто се заснова Велика Британија.
Бројот на оние кои се против излегувањето на Шкотска од составот на Обединетото Кралство падна кон половината на август, според податоците на една од највлијателните британски агенции за истражување на јавното мнение YouGov, од 14 на 6 проценти предност. Така, во моментов 53 отсто од населението се против независноста, во однос на 47 проценти колку што се изјаснуваат како нејзини поддржувачи.
Истите резултати ги покажа уште едно истражување на јавното мнение чии резултати беа објавени кон крајот на минатата седмица. Имено, несметајќи ги оние кои уште се немаат одлучено, 47 отсто од испитаниците би гласале „за“ независност на Шкотска, наспроти 53 проценти кои се „против“, покажа анкетата којашто ја нарача весникот The Scottish Daily Mail по последната одржана телевизиска дебата меѓу противниците и поборниците на шкотската независност.
Резултатите, така, укажуваат дека разликата меѓу двете групи значително се намалила во однос на претходната анкета што ја направи институтот Survation пред пет седмици, во кое 43 отсто од анкетираните изјавија дека сакаат да гласаат „за“ независноста, додека тогаш 57 отсто од испитаниците беа за тоа Шкотска да остане во рамките на Велика Британија.
„Во овој момент се чини дека би можеле да победат поборниците на независноста, и тоа е стварна можност. Во завршницата би можело да биде многу неизвесно“, изјави претседателот YouGov, Питер Келнер.
Оваа анкета се смета во Велика Британија за многу важна, бидејќи YouGov претходно не регистрираше помал број на оние кои се залагаат за независноста на Шкотска во однос на сличните испитувања на јавното мнение што ги спроведуваа другите институти и компании.
Извршниот директор на здружението Yes Scotland, Блер Џенкинс, изјави дека споменатата анкета ја покажува драматичната промена, како и дека неговата кампања земала залет. Смета дека е потребно само уште малку напор за на 18-ти септември да се оствари големото „да“ за независноста на Шкотска.
Во истражувањето на YouGov учествувале 1.063 испитаници и е спроведено во периодот од 28-ми август до 1-ви септември. Келнер толкуваше дека повеќето гласови „за“ се евидентирани поради попозитивниот став на избирачите за шкотската економија, како и поради стравувањата дека британското здравствен осигурување би можело да ослаби доколку Шкотска остане во рамките на Обединетото Кралство.
Кампањата за останување на Шкотска во Обединетото Кралство зема замав по првата од двете телевизиски дебати меѓу шкотскиот премиер Алекс Салмонд и поранешниот британски министер за финансии Алистер Дарлинг, одржани во август. Дарлинг своевремено платформата на унионистичката кампања „Better Together“ (Подобро заедно) ја објасни по примерот на Европската унија „Кој управува со Европа: Не малите држави. Со неа управуваат големите држави. Можете да мислите дека тоа е погрешно, но работите така функционираат. Подобро е да се биде голем и силен за спротиставување на некои одлуки кои инаку би ни биле наметнувани однадвор“, рече Дарлинг.
Според аналитичарите, во втората расправа расправата главниот поборник на независноста, шкотскиот премиер и челник на Шкотската национална партија (SNP), Алекс Салмонд, оставил подобар впечаток од челникот на пробританската кампања, поранешниот лабуристички министер за финансии, Алистер Дарлинг. Според анкетата направен веднаш по телевизиската дебата минатиот понеделник навечер, Салмонд како победник го прогласиле 71 отсто од гледачите. Во првата дебата пред неколку седмици, победи Дарлинг, но не со толкава разлика.
Потенцијалното одвојување на Шкотска би можело да повлече низа сериозни последици, меѓу кои се оние од економската сфера, а се поставува и прашењето дали може Шкотска самостојно да преживее без големи количества средства кој ја добива од британската заедничка државна каса.
Шкотската национална партија (SNP) на Алекс Салмонд го освои мнозинството во шкотскиот парламент на изборите во мај 2011 година, што на овој харизматичен политичар му даде шанса да ги прекине врските со Лондон. Првичните анкети покажуваа дека околу 30 отсто Шкоти ја поддржуваа независноста, додека околу 50 отсто заговараат статус кво. Условите за референдумот се договорени со британската влада во октомври минатата 2012 година.
Шкотската национална партија (SNP) смета дека приходите од нафтата од Северното Море и локалната индустрија ќе овозможат напредок за независната Шкотска, меѓутоа другите партии застапени во парламентот во Единбург како и британската влада во Лондон велат дека загуби ќе претрпат и Шкотска и остатокот од Обединетото Кралство.
Во Шкотска на 18-ти септември ќе се одржи национален референдум на коешто околу пет милиони гласачи ќе одговорат на прашањето „Треба ли Шкотска да биде независна држава?“, на што ќе се одговара со „да“ и „не“./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.